Смртта на Мартин Нешкоски

(Пренасочено од Мартин Нешкоски)

Мартин Нешкоски - Пуци (Скопје, 16 август 1989[1]Скопје, 6 јуни 2011) беше момче кое беше брутално претепано до смрт од страна на припадник на специјалните полициски сили „Тигри“ на плоштадот „Македонија“ во Скопје за време на одржување на прославата на изборната победа на владејачката политичка партија ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори во 2011 година. Неколку дена подоцна Нешкоски бил погребан на гробиштата во село Нерези во присуство на членови од неговото семејство, пријатели и граѓани кои сакале да му оддадат последна почит.

Од страна на официјалните претставници на МВР во почетокот овој случај бил прикриван од јавноста[2]. Но, благодарение на активностите на наменската заедница на Twitter која успеала да го анимира својот протест излегувајќи на мирни протести низ улиците на Скопје, официјалните лица на МВР биле приморани да ги откријат вистинските причини за овој настан.

Според мајката на Нешкоски, момчето за време на прославата на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ се обидело да се качи на бината за да го прегрне премиерот, кога било спречено во тоа а подоцна претепано до смрт.[3]

Во почетокот МВР на прашањата на новинарите излегло со тврдење дека не знае за таков случај. Подоцна дека имало случај, но на момчето му се слошило и починало од природна смрт без видливи траги на насилство.

Директорот на Судска медицина Алексеј Дума обзнанил дека „момчето починало поради крварење во мозокот, откако примил неколку удари во главата“,[4][5] додека траела обдукцијата на Нешкоски во понеделникот наутро, до 12 часот и 30 минути, таму биле и претставници на МВР иако неколку часа порано на прес конференција портпаролот на МВР Иво Котевски изјавил дека „Таков настан воопшто не е пријавен во МВР и доколку имате какви било сознанија и информации ви стоиме на располагање за да го пријавите настанот.“[2] Полицијата уште два дена не ја признаваше смртта на Мартин Нешкоски.[2] Истовремено семејството Нешкоски трага по својот син и брат.[3]

„Од страна на Секторот за внатрешни работи - Скопје, по дознавање на настанот, излезено е на лице место, известен е дежурен Истражен судија и Јавен обвинител, кои не излегле на лице место, а увидот го препуштиле на одделот на криминалистичка техника при СВР - Скопје “, изјавила Гордана Јанкулоска министер за внатрешни работи,[4] што пак е контрадикторно со првичната изјава на портпаролот дека МВР не знае за овој случај.

МВР реагира до Facebook за отстранување на информациите и формираните групи во врска со овој настан и facebook истите ги брише.

Семејството на убиениот Нешкоски за неговата смрт дознало од медиумите дури два дена после неговото бруталното претепување.

Протестите организирани од Twitter заедницата се одвиваат во континуитет неколку дена после смртта на Нешкоски со барање за осуда на припадникот на специјалните полициски сили и барање за понесување на одговорност на неговите надредени старешини. Имало исто така и барања за оставка на најодговорните лица во структурата на МВР, почнувајќи од министерската Гордана Јанкуловска.

Подоцна МВР го менува својот став[6] и вели дека „ќе бидат без милосни кон сите кои му помогнале на службеникот да ја сокрие вистината“.

Реакции на медимумите

уреди
 
Логото на протестите против полициската бруталност

Матицата на медиуми кон овој случај во почетокот се однесуваше крајно индифирентно.[7][8] Веста најпрво ја објавила агенцијата NetPress, a потоа и А1.[9]

На денот на настанот ниту еден провладин медиум не известувал за случајот, а сите коментари на нивните мрежни места биле експресно бришани. Имало обиди за оправдување на бруталноста со тоа што починатиот Нешкоски бил портретиран како хохштаплер, пијаница, лопов, провокатор.[10]

Барања

уреди

Некои од барањата на протестантите во врска со овој случај се:[11]

  • Распуштање на специјалните единици на полицијата како што се „Алфи“, „Тигри“ и други.
  • Задолжително присуство на униформиран полициски работник при секој контакт на полицијата со граѓаните.
  • Избор на министер и заменик министер на МВР со консезус помеѓу сите политички партии.
  • Задолжително доделување на општествено корисна работа на сите полициски работници како дел од секојдневните работни обврски. Задолжителна обука за контрола на гнев за сите полициски работници.
  • Зголемена контрола над Министерството за внатрешни работи од страна на Собранието на Републиката за која ќе можеме да сведочиме преку месечни извештаи или слично.
  • Зголемени казни во Кривичниот законик за делата што работници во МВР ќе ги сторат без разлика дали се или не се во служба / на работа.
  • Замена на Секторот за внатрешна контрола со независно тело.
  • Контрола при вработувањето на нови кадри во МВР од страна на независни граѓански комисии, составени од волонтери, кои ќе имаат контролна функција за проверка на криминалното минато на апликантите.
  • Јавно достапни на интернет работни истории (CV-ја) со сите информации за дисциплиски казни, психолошки профили и слично на сите работници во МВР.
  • Дали убиството е извршено „на свиреп или подмолен начин“? Зошто никој не ја обезбедил потенцијалната „crime scene“ откако медицински лица констатирале смрт, и кој и зошто го одвлечкал телото на починатиот од сцената на злосторството?
  • Дали имало помагање во извршување на кривичното дело? „...однапред ветено прикривање на кривичното дело на сторителот, на средствата со кои е извршено кривичното дело, на трагите на кривичното дело...“.
  • Кои лица се одговорни за „Непријавување на кривично дело или сторител“?
  • Дали имало „Помагање на сторител во извршено кривично дело“?
  • Кои одговорни лица од МВР дале на медиумите лажни информации дека на 06.06 дека не е сторено кривично дело убиство, туку дека на момчето „му се слошило“, и кои одговорни лица во МВР соопштиле лажни информации дека „првични траги на насилство нема“?
  • Кои медицински лица констатирале смрт кај жртвата, и зошто истите не пријавиле дека смртта настапила како резултат на тешки телесни повреди?

Епилог

уреди

Една година подоцна (на 12 мај 2012 година) Драган Нешкоски (таткото на Мартин Нешкоски) си го одземал животот.[12]

Во септември 2012 година осомничениот припадник на МВР Игор Спасов беше осуден на 14 години затвор.[13]

Во јануари 2016 година во однос на жалбата на Ленче Нешкоска (мајката на Мартин Нешкоски) „Европскиот суд за човекови права смета дека државата презела ефикасна истрага во однос на утврдување на причините за смртта на нејзиниот син“.[14][15][16]

Литература

уреди
  1. Мартин Нешкоски е убиеното момче од Козле, +инфо, 7 јуни 2011
  2. 2,0 2,1 2,2 Злоупотреба на моќ и полициска бруталност - документарен филм, Автор: Мери Јордановска, Продуцент: Борјан Јовановски, 6 јуни 2014.
  3. 3,0 3,1 Погреб на младиот Мартин Нешкоски (А1.com.mk)
  4. 4,0 4,1 Револтот расте, истрагата тапка во место (А1.com.mk)
  5. за убиството на Мартин пред истражен судија Револтот Осомничениот за убиството на Мартин пред истражен судија (sitel.com.mk)
  6. press24.mk Архивирано на 10 јуни 2011 г. МВР ќе ги казни и помагачите на Игор Спасов
  7. vecer.com.mk Архивирано на 9 јуни 2011 г. Пронајдено починато непознато момче
  8. Жртвата е 22-годишниот Мартин Нешкоски, осомничен припадник на единицата за специјални задачи (kanal5.com.mk)[мртва врска]
  9. Вистината за Мартин Нешкоски – рекапитулар на настаните, 6 мај 2016.
  10. Болка кај семејството на Мартин, бараат најстрога казна за убиецот (sitel.com.mk)
  11. „novica.softver.org.mk“. Архивирано од изворникот на 2011-06-09. Посетено на 2011-06-09.
  12. Почина Драган Нешкоски, таткото на убиениот Мартин, Радио Слободна Европа
  13. Апелација ја потврди казната за „тигарот“ Спасов Утрински весник, 03.09.2012[мртва врска]
  14. http://netpress.com.mk/203220-2/ Европски суд: Истрагата на државата за Мартин Нешковски – ефикасна, Нетпрес.
  15. [Европски суд: Државата спровела ефикасна истрага во случајот за Мартин Нешковски http://republika.mk/?p=544029[мртва врска]]
  16. „Судот во Стразбур: Нема повреда во делотворноста на истрaгата за Мартин Нешкоски, Либертас, 21.01.2016“. Архивирано од изворникот на 2016-04-24. Посетено на 2016-05-04.