Марко Фабиј Квинтилијан

Марко Фабиј Квинтилијан (40-96) бил староримски говорник (реторичар) и учител по реторика. Тој им бил учител на Јувенал и на Плиниј Помладиот.[1]

Марко Фабиј Квинтилијан

Животопис

уреди

Квинтилијан бил по потекло од Пиринејскиот Полуостров, од каде уште како момче дошол во Рим, каде што се образувал кај говорниците. Иако бил критичен спрема многу појави во своето време, а особено спрема образованието, тој не бил бунтовник против режимот, така што успеал да стане државен професор по реторика.

Творештво

уреди

Неговиот учебник по реторика, најпознат во целата историја на беседништвото, не ја напишал Квинтилијан, туку настанал според белешките што ги „фаќале“ неговите ученици во текот на предавањата, а тој само ги редактирал. Овој учебник бил преведен на сите светски јазици. Учебникот на Квинтилијан содржи 12 книги (што одговараат на денешни поглавја), а во многу нешта се потпира на искуствата на Аристотел и Цицерон). Впрочем, и самиот Квинтилијан велел дека во многу нешта не е оригинален, дека честопати изнесува туѓи мислења, но за нив дава сопствен суд. Според Квинтилијан, способноста за елоквентно изразување е својствена на идеалниот човек, затоа што она што најмногу го разликува човекот од животните е токму можноста да говори. Тој сметал дека реториката е уметност (ако може работата на дрводелецот и грнчарот да се третира за уметност...) и дека талентот е поважен од вежбањето. Квинтилијан сметал дека не постои никаква разлика меѓу писменото и усното изразување, дека добро составениот напишан текст претставува предуслов за добар говор. Веројатно, таквиот негов став бил резултат на практиката, говорот да се подготвува во вид на писмен состав или пак изговорениот да се бележи. Оваа книга ги опфаќа речиси сите прашања кои и современиот учебник би морал да ги содржи, иако одговорите се денес нешто поинакви. Тој малку помалку внимание отколку што денес се посветува му посветил на аудиториумот. Подробно расправал за тоа каков треба да биде учителот, каков треба да биде ученикот, кои знаења образованиот ретор треба да ги поседува, кога треба да почне со говори пред судот. Квинтилијан ја продолжил грчката и римската традиција така што големо внимание посветил на моралниот профил на говорникот, кој мора да биде честит и угледен човек. Тој треба да го познава правото, потоа историјата, а за граматиката, правописот и стилот зборувал веќе во првите глави. Како професор по реторика, Квинтилијан бил противник на тепањето како воспитна метода. Најважен дел од неговиот учебник се десеттата и дванаесетта книга. Откако утврдил дека постојат различни стилови, тој не му дал предност на ниту еден од нив. Според една класификација, постои атички стил, збиен и едноставен и азијански стил, китнест и разуздан. Родскиот стил пак, стои на средината меѓу овие два. Квинтилијан се определил за атичката едноставност, затоа што азијанскиот стил му се чинел бомбастичен и надуен. Истовремено,тој бил предвесник на т.н. „перманентно образование“, што во негово време подразбирало дека говорникот треба да се образува целиот свој живот. Во образованието, говорникот треба да посвети внимание на поезијата, историјата, граматиката, посебно на правописот, глумата и дури и на музиката, геометријата и астрономијата. Во поглавјето „За смеата“, тој зборува за досетките и нивното значење во говорот.

Наводи

уреди
  1. „Beleške“, во: Erazmo Roterdamski, Pohvala ludosti. Beograd: Rad, 2016, стр. 118.