Манџурискиот кандидат (филм од 2004)
Манџурискиот кандидат (англиски: The Manchurian Candidate) - американски филм од 2004 година, во режија на Џонатан Дем. Главните улоги ги играат: Дензел Вашингтон, Мерил Стрип, Лиев Шрајбер, Џефри Рајт и Џон Војт. Филмот е адаптација на истоимениот роман на Ричард Кондон.[1]
Синопсис
уредиДејството на филмот почнува за време на првата Заливска војна, кога една американска патрола паѓа во заседа при што капетанот Бен Марко се онесвестува, но наредникот Рејмонд Шо успева да ја спаси својата група поради што подоцна е одликуван со „Медалот на Честа“. Благодарејќи на поддршката на неговата мајка, Еленор Ајзлин, сопруга на покојниот сенатор Џон Ајзлин, тој станува конгресмен, а подоцна и кандидат за потпретседател на САД. По завршувањето на еден говор во училиште, на Бен Марко му пристапува еден поранешен соборец, кажувајќи му дека сонува чудни соништа. Бидејќи и Бен Марко ги сонува истите работи, тоа го мотивира да почне да истражува, што се случило во Кувајт. Набргу, тој открива дека во него е вграден имплант, со чија помош некој му го контролира мозокот. Исто така, и Рејмонд Шо има таков имплант, а неговите постапки ги контролира фирмата „Манџурија Глобал“ со која е поврзана и мајката на Рејмонд. Бен Марко воспоставува контакт со Рејмонд, а потоа и го напаѓа, поради што е под надзор на ФБИ. Бен Марко полека почнува да собира докази кои покажуваат дека херојската случка во Кувајт воопшто не се случила. Неговиот пријател му ги брише вградените сеќавања, по што Бен Марко почнува да се сеќава дека тој и неговите „соборци“, всушност, биле затворени на еден пуст остров, каде група научници им вградиле импланти во мозоците и така ги контролираат нивните постапки. Откако ги убива својата поранешна девојка и нејзиниот татко, Рејмнод Шо конечно ги сфаќа застрашувачките димензии на заверата на „Манџурија Глобал“. На денот на гласањето, тој се среќава со Бен Марко и му кажува дека фирмата ќе го злоупотреби и него. Навистина, Бен Марко е хипнотизиран да го убие новоизбраниот претседател на САД, по што треба да изврши самоубиство. Меѓутоа, во последен миг, Рејмнод ја менува својата местоположба, по што Бен Марко ги убива него и мајка му. Агентите на ФБИ го рануваат Бен Марко, по што се разоткрива целата завера на „Манџурија Глобал“.[2]