Манџурискиот кандидат (филм од 1962)
„Манџурискиот кандидат“ (англиски: The Manchurian Candidate) — американски филм од 1962 година, во режија на Џон Франкенхајмер (John Frankenheimer) по сценариото на Џорџ Акселрод (George Axelrod). Главните улоги ги играат: Френк Синатра (Frank Sinatra), Лоренс Харви (Laurence Harvey), Џенет Ли (Janet Leigh), Лесли Париш (Leslie Parrish) и Анџела Ленсбери (Angela Lansbury). Филмот е адаптација на истоимениот роман на Ричард Кондон. Филмот е добитник на бројни награди, а бил номиниран и за „Оскар“ во неколку категории.[1] [2] [3]
Синопсис
уредиДејството на филмот се одвива за време на Корејската војна, во 1952 година. Една американска патрола паѓа во заседа и завршува во советскиот воен затвор. По една година, одредот успева да побегне од заробеништвото, по што наредникот Рејмонд Шо (го игра Харви) е одликуван со „Медалот на Честа“. Неговата мајка, Еленор Ајзлин (ја игра Ленсбери), сопруга на сенаторот Џон Ајзлин, го искористува успехот на својот син за сопствените политички цели. Меѓутоа, Бенет Марко (го игра Синатра), соборецот на наредникот Шо, се сомнева во успехот на Шо. Бенет веќе подолго време страда од кошмари и од чудни сеќавања, а тоа го мотивира да почне да истражува, што се случило во Кореја. Набргу, тој открива завера од големи размери која може да ја запре само тој.[4]