Манука

вид растение
Манука
Манука со иглички и цветчиња
Научна класификација
Царство: Растенија
Оддел: Скриеносеменици
Класа: Дикотиледони
Ред: Миртовидни
Семејство: Мирти
Род: Тенкосемени
Вид: Манука
Научен назив
Leptospermum scoparium
J.R.Forst. & G.Forst.

Манука или чајно дрво (научLeptospermum scoparium, маорски: mānuka) — грмушка или мало дрво кое потекнува од и расте во Нов Зеланд и југоисточна Австралија. Мануката вирее низ цел Нов Зеланд, особено во сувите краишта на источните брегови на Северниот Остров и Јужниот Остров, како и во Тасманија, Викторија и Нов Јужен Велс во Австралија[1][2][3]. Растението го добило името „чајно дрво“ бидејќи морепловецот Капетан Кук варел чај од неговите листови[4].

Мануката е плодородно дрво од типот на честаци и најчесто е првото растение кое успева да се расплоди на опустошено тло. Типично расте од 2 до 5 м во височина, но може и да нарасне во дрво со умерена големина до 15 м. Дрвото е зимзелено, со густи гранки и мали листови со должина од 7-20 мм и ширина од 2-6 мм, со краток жилест врв. Цветовите му се бели, но понекогаш и розови со пречник од 8-15 мм (поретко се среќаваат примероци и до 25 мм), со пет цветни ливчиња.

Стеблото му е цврсто и жилаво и затоа се користи за изработка на рачки за алати. Струготините даваат одлична арома кога се користат за пушење на месо и риба. Медот од неговите цветови има особен вкус и е потемен и побогат со арома отколку детелиновиот мед, и има голема антибактериска моќ. Во Нов Зеланд овој мед може да се најде во секоја продавница.

„Манука“ е маорското име на дрвото кое е во употреба во Нов Зеланд, додека името „чајно дрво“ се користи и во Нов Зеланд и во Австралија.

Наводи

уреди
  1. „Leptospermum scoparium“. Информативна мрежа за гермоплазмени ресурси. Служба за земојоделско истражување, Министерство за земјоделство на САД. Посетено на 15 December 2017. (англиски)
  2. Derraik, José G. B. (2008). „New Zealand manuka (Leptospermum scoparium; Myrtaceae): a brief account of its natural history and human perceptions“ (PDF). New Zealand Garden Journal. 11 (2): 4–8. Посетено на 2 May 2016.
  3. Thompson J., (1988) A revision of the genus Leptospermum (Myrtaceae) Telopea 3(3): 301-449
  4. J. T. Salmon, The Native Trees of New Zealand, Reed, 1973. ISBN 0-589-01340-8

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди