Мавро Ветрановиќ
Мавро Ветрановиќ (1482-1576) бил еден од дубровничките поети и свештеник. Тој потекнувал од народот и не е еден од поетите кои потекнуваат од благородничко семејство. Бил син на Никола Ветраниќ и Томасина Тарчиновиќ, а неговото право име било Никола Ветаниќ Цавчиќ, името Мавар го добил кога стапил во ред на калуѓери.[1]
Живот и дело
уредиНеговиот живот и неговото поетско творештво се поделени на два дела.
Во првиот дел од својот живот, тој се вика Никола Ветрановиќ, и во тој период Никола пее песни со љубовна содржина. Тоа е времето на Ѓоре Држиќ и Шишко Менчетиќ. Неговите песни се за самовилите и во тој период Никола наликува на многумина млади од Дубровник: живее весел, слободен живот, склон кон шеги, хумор и сатирични текстови. Меѓутоа, од непознати причини, при крајот на младоста тој ја облекува калуѓерската риза и сосема го менува својот живот.
Стапува во бенедиктинскиот ред, и во прво време е испосник, и заминува на испосништво на островот Св. Андреја. Не е познато што се случило за ваква брза и огромна промена во животот на Никола, кој како монах го добил името Мавро, со значење Црниот Ветрановиќ. Со овој чин се менува и неговата поезија, која од ренесансна и весела станува религиозна поезија. Така, Мавро Ветрановиќ е најистакнатиот религиозен поет на Дубровник и на целата приморска книжевност.
Неговата поезија од првиот период е зачунава во траги во зборникот на Никша Рањина, а сето друго е или изгубено или самиот Ветрановиќ како чин на покајание го уништил. И како поет и како свештеник уживал голема репутација и му биле укажувани бројни почести. Тоа било резултат на една нова клима што завладеала со Дубровник во тоа време, еден вид црковна реакција против лесниот, весел и слободен живот на ренесансата.
За поезијата
уредиПесните кои ги пишувал Ветрановиќ како свештено лице се песни со моралистички карактер, со поука, наменета за дубровничкиот човек, кој тоа време бил обземен од ренесансниот начин на живеење, којшто според Ветрановиќ, неизбежно го носи во духовна и морална пропаст. Начинот на остварување на песните се одликува со едно огромно многузборие. Сите негови песни од тој период се долги, каскади стихови во коишто варира основната морално поучна идеја.
Во својот свештенички живот имал на располагање мир и време, но и потреба да ги искаже своите морални и религиозни сфаќања, па така настанале неговите песни, како „Песничка посветена на штурецот“ или „Ремета“, во која Ветрановиќ го искажува своето испосништво на островот Св. Андреја. Но оваа поезија за основа ја нема потребата да се оствари поетско дело, туку пред сè да ги соопшти духовните и моралните опасности пред човекот, и многу пластично да укаже на неповолниот крај на човекот што оди по патот на сопственото уништување. Оттаму доаѓа и должината на песните во вториот период.
Позната е неговата песна напишана во 1549 година, со наслов „Песна во помош на Марин Држиќ“. Се случило така што Марин Држиќ со својата прва еклога „Тирена“ постигнал извонреден успех. Марин, кој дотогаш бил анонимен, наеднаш се воздигнал на книжевното небо на Дубровинк. Но, се појавиле гласини дека „Тирена“ всушност не е на Марин Држиќ, туку на Мавро Ветрановиќ. Првата идеја на смислувачите на интриги била дека толку силно уметничко дело можел да напише само Мавро Ветрановиќ во тоа време. Додека за Држиќ се плетеле приказни и интриги, моралистот Ветрановиќ, како вистинољубив човек, ја напишал таа песна на помош на Марин, во која децидно ги побива сите претпоставки дека тој е авторот на „Тирена“, и ја фали еклогата како дело на талентиран автор. Така ја разбива интригата и му ја враќа честа на Марин Држиќ.
Наводи
уреди- ↑ Povjest hrvatske književnosti I, Milorad Medini, Naklada "Matica Hrvatska“, 1902, str. 106 - 107.