Лошо момче (филм од 2001)
Лошо момче - јужнокорејски филм од 2001 година, во режија на Ки-дук Ким, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги толкуваат: Џае-Хјун Чо, Вон Сео, Јун-тае Ким и Дук-мун Чои.
Синопсис
уредиХан-ки (го игра Џае-Хју Чо) е криминалец кој речиси никогаш не зборува. Еден ден, тој ја здогледува непозната девојка Сун-хва (ја игра Вон Сео) и некое време зјапа во неа, а потоа седнува на нејзината клупа. Набргу доаѓа нејзиното момче и Хан-ки си заминува, но ненадејно се враќа и долго ја бакнува девојката. Откако одбива да се извини, група војници го претепуваат. По некое време, Сун-хва влегува во книжарница, а Хан-ки и неговите двајца другари стваат паричник во нејзината близина. Таа го зема паричникот и бега, но неговиот сопственик ја фаќа и бара да му врати 10.000 долари. Притоа, тој ја принудува Сун-хва да земе заем од рекетари, а нејзиното тело служи како гаранција дека ќе ги врати парите. Откако не го враќа заемот, Хан-ки ја граба Сун-хва и ја принудува да стане проститутка. Меѓутоа, тој е вљубен во неа и постојано тајно ја набљудува додека таа ги опслужува клиентите. Исто така, и неговиот другар Мјонг-су (го игра Дук-мун Чои) се вљубува во Сун-хва и ѝ помага да побегне, но Хан-ки пак ја грабнува и ја враќа во јавната куќа. Иако ја принудува да се проституира, Хан-ки е заштитнички настроен кон Сун-хва и во една прилика претрпува тешки повреди спречувајќи еден криминалец да води љубов со неа. Еднаш, криминалецот Јун-тае (го игра Јун-тае Ким) го убива полицаецот кој ја посетува јавната куќа, а полицијата го затвора Хан-ки, кој е осуден на смртна казна. Сепак, Јун-тае се покајува и намерно претепува друг полицаец за да оди в затвор. Таму, токму во мигот кога Хан-ки го водат на извршување на смртната казна, Јун-тае ги напаѓа него и затворските чувари, а потоа признава дека тој е убиецот. Откако излегува на слобода, Хан-ки ја ослободува Сун-хва. Подоцна, тој го претепува Мјонг-су кој, пак, го прободува со нож во стомакот. Тешко повреден, Хан-ки оди на морскиот брег, каде му се придружува Сун-хва, но таа и понатаму работи како проститутка.[1]