Линија на разграничување (филм)

„Линија на разграничување“ (француски: La Ligne de démarcation) — филм на францускиот режисер Клод Шаброл (Claude Chabrol) од 1966 година. Истовремено, Шаброл е автор и на сценариото, засновано врз делото на францускиот офицер и писател Реми. Главните улоги ги толкуваат: Жан Себерг (Jean Seberg), Морис Роне (Maurice Ronet), Даниел Желан (Daniel Gélin), Жак Перан (Jacques Perrin), Стефан Одран (Stéphane Audran) и Рајнхард Колидехоф (Reinhard Kolldehoff). Овој филм се разликува од повеќето други француски воени филмови по историографската нота која делува аргументирано и убедливо. Инаку, тој е вистински претставник на францускиот нов бран, а особено се истакнуваат режисерската постапка на Шаброл и извонредната глума на Себерг и Роне. Употребата на црно-белата фотографија и на класичната музика му даваат на филмот документаристички тон, а Шаброл потврдува дека е сензибилен и за социјалната патологија.[1]

Синопсис

уреди

По германскиот напад во јуни 1940 година, Франција е поделена на два дела: северниот и западниот дел се наоѓаат под германска окупација, додека во средниот и јужниот дел е формирана марионетска власт. Меѓу двата дела е воспоставена линија на разграничување. Во едно мало место во Јура, таа линија тече по долината на реката Лу. Францускиот офицер Пјер, инаку гроф од Дамвил (го игра Роне), тешко го поднесува поразот на татковината и по ослободувањето од германското заробеништво, дома се враќа потиштен. Неговата сопруга Мари (ја игра Себерг) не сака да се помири со тековната состојба и активно им помага на членовите на отпорот при што го става животот во опасност...

Наводи

уреди