Лажен автостоп
Лажен автостоп е расказ од чешкиот писател Милан Кундера. Расказот е објавен на македонски јазик во 2011 година, од издавачката куќа Темплум, како дел од збирката „Пат околу светот во 20 раскази“. Преводот на македонски јазик го извршил Диме Митрески.
Содржина
уредиЕдно момче заминува на одмор со својата девојка. Претходно, тој имал врски со повеќе девојки и жени, но сите нив ги презира, зашто се работело само за привремени авантури. Наспроти нив, својата сегашна девојка ја љуби искрено и целосно. Исто така, и таа го сака своето момче, иако понекогаш е љубоморна на неговите претходни врски. Поради недостиг од бензин, момчето застанува на една бензиска станица, а девојката добива желба да се пошегува со него и затоа, таа продолжува по патот пешки, глумејќи дека е стоперка. Момчето застанува со автомобилот и се преправа дека не ја познава, нудејќи и да ја превезе до блиското место.
Така започнува играта меѓу нив при што двајцата упорно тонат сè подлабоко во своите нови улоги. Така, таа глуми слободна, развратна девојка, со цел да провери како ќе реагира нејзиното момче. Тој, пак, од една страна, ја прифаќа својата девојка во улогата на заводничка, зашто таа така му делува попривлечно, но истовремено започнува да чувствува одбивност кон неа, прашувајќи се дали таа навистина глуми или само ја покажува вистинската природа. Наместо да вози кон местото каде треба да одат на одмор, момчето застанува во еден хотел, каде двајцата пијат вотка, а потоа одат во хотелската соба да водат љубов. Притоа, тој почнува да ја третира девојката како проститутка и и наредува да се качи на масата и да изведува заводливи пози. Потоа, додека водат љубов, тој е повторно груб кон неа, а девојката сака да ја прекине играта, плачејќи и извикувајќи: “Јас сум јас, јас сум јас...” На тој начин, желбата да се играат туѓи ликови ја расипува искрената врка меѓу двајцата.[1]
Наводи
уреди- ↑ Владимир Јанковски (уредник), Пат околу светот во 20 раскази: Антологија на светскиот расказ, Темплум, Скопје, 2011, стр. 139-165.