Клекоперци

(Пренасочено од Кракоперци)

Клекоперци или Кракоперци — историско, одамна напуштено село на два километри североисточно од денешното село Шелеверци, сместено во долот кон местото Комарчани.

Потекло на името

уреди

Потеклото на името на селото е тешко да се потврди. Жител на селото, кој тврдел дека неговите предци потекнувале од селото Клекоперци, го раскажувал следното:

Некогаш во старо време си бил некој сточар, кој постојано барајќи подобро место со пасиште за добитокот, си нашол погодно место за живеалиште за себе и за стадото. Местото било присој, спроти сонце. Сонцето го греело рано и го затоплувало, а пролетните тревки излегувале рано на пролет, така речено уште зимата незавршена. Меѓу тревките се појавувале и цвеќиња, како качунките, сличките и перлузите клекоперки. Најмногу ја имало клекоперката. Кога ќе го прашале овчарот каде живее и каде му се наоѓаат колибите и стадото, тој им одговарал: „Моите колиби се онаму каде што растат клекоперките. Ако не можете да ме најдете, дојдете во пролетните месеци и ќе ме пронајдете по клекоперките.“ На луѓето не им било јасно што се тоа клекоперки и овчарот им објаснувал дека клекоперките се слични како качунките само имаат подебел корен и кога ќе се излупи коренот пушта бела течност како млеко, а листовите им се клекнати перја, завиткани листови. Од овие зборови и името на цвеќето населбата која ја населил сточарот се завикала Клекоперци- клекнати перја- свиткани листови. Клекоперката е растение што се среќава со различни имиња. Како што ни кажуваа воловарите и овчарите од Мало Рувци, со кои често се среќаваме пасејќи го добитокот, тие клекоперката ја викале кркоперка, додека во селото Марул се вика кркушка.[1]

Податоци за селото Клекоперци

уреди

За селото Клекоперци не се знае колкаво било, но се знае дека не било муслиманско, затоа што инаку немало да настрада. Не се знае ниту дали имало верски храм. Кога го нападнале Турците, целосно го испустиле. Тоа настанало за време на Мариовската буна од 1564-65 г. Според кажувањата, селото било сосема изгорено, населението истепано, добитокот земен, а успеало да преживее само едно семејство. Самото семејство било поделено на три дела, еден дел од семејството дошол во селото Марул, вториот дел во селото Штавица, а третиот дел отишле во селото Чумово. Потомците на ова семејство се денешните Таневци во Марул, во Штавица тоа се денешните Дерковци (Мелезовци), а во Чумово, Апостоловци. Сите овие семејства имаат иста куќна слава Св. Варвара на 17 декември. Селото Клекоперци никогаш не било обновено. Единствено на ова место денес сè уште постојат урнатини.[2]

Наводи

уреди
  1. Според кажување на Стојче Атанасов Танески (1868-1957) од селото Марул, кое неговиот 74-годишен внук од син Јован Ристев Атанасоски го пренел во 2000 година
  2. Според кажување на Крсте Стојанов Танески (1904-1984) од селото Марул