Крадци (филм од 2018)

Крадци (јапонски: Manbiki kazoku) - јапонски филм од 2018 година, во режија на Хироказу Коре-еда, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги играат: Кирин Кики, Лили Френки, Сакура Андо, Мају Мацуока, Јио Каири, Мију Сасаки итн. Филмот освоил шест награди, од кои најважната е „Златната палма“ на Канскиот филмски фестивал.[1]

Синопсис

уреди

Во една трошна, сиромашна куќа живеат старица, маж, жена, возрасна девојка и дете. Мажот и жената работат нископлатени, повремени работи, но истовремено крадат по локалните продавници, заедно со детето. Една студена вечер, мажот и детето наоѓаат напуштено девојче кое го земаат со себе. Најпрвин, присутните не сакаат да го прифатат девојчето, но кога ги откриваат трагите од насилство, тие почнуваат да се грижат за него како за свое дете. Во меѓувреме, полицијата го бара исчезнатото девојче. Жителите на куќата живеат безгрижен живот, но работите се влошуваат кога умира старицата. Бидејќи немаат пари за погреб, мажот и жената ја закопуваат старицата внатре во куќата. По некое време, жената е отпуштена од работа. Еднаш, детето и девојчето влегуваат во продавница при што девојчето почнува да краде, а детето се обидува да го заштити. Бегајќи од продавачите, тоа се повредува и завршува во болница, каде го испитува полицијата. Останатите жители на куќата се обидуваат да побегнат, но токму тогаш пристигнува полицијата и мажот и жената се уапсени. Тогаш се откриваат вистинските односи во куќата: мажот и жената се вонбрачен пар кој го убил поранешниот сопруг на жената; старицата изнудувала пари од едно семејство; а детето не им е син, туку своевремено го пронашле во еден автомобил. Мажот и жената се обвинети за грабнувањето на девојчето, а целата вина ја презема жената, која завршува в затвор. Малото девојче го враќаат кај родителите, кои продолжуваат да се однесуваат лошо кон него, а детето завршува во дом за деца без родители.[2]

Наводи

уреди