Созерцание
Созерцание[1] (од коренот зреење; созерцува - согледува) или контемплација[2][3] (лат: од коренот templum) — превод на грчкиот збор теорија (гр: θεωρία - визија, гледање, набљудување) што значи духовен увид, т.е. воочување на возвишената убавина во нештата.
Во религиозна смисла, созерцание означува облик на молитва или медитација. Во христијанството најчесто се поврзува со мистицизмот.
Историја на поимот
уредиУбаво е да се мисли, уште поубаво да се знае, а најубаво е да се созерцае.
—Гете
За Платон и Аристотел, теоријата (θεωρία) го претставува интелектуалното сознание, наспроти дејството (πράξις). Според Платон, преку созерцание душата може да стекне знаење за божествените идеи. Во неоплатонистичката филозофија, преку процесот на еманација од Едното произлегуваат други хипостази (ум и душа)[4]. Следствено, патот до совршенството се замислува како движење од сложеност кон едноставност, од поделба кон единство. Плотин тврдел дека созерцанието за Едното е можно само во случај кога самиот човек ќе стане еден од мноштвото. Плотин „умното созерцание“ го поистоветува со гледањето на светлината што се излева од прапочетокот.[5]
Во мистицизмот, контемплацијата е состојба во која човечкиот ум се сосредоточува на духовната стварност, нурнувајќи се во неа сè до заборавот на сите други стварности. За христијанските мислители, особено од неоплатонскиот правец, контемплацијата е највисокото ниво на човековата духовна активност[4]. Во теологијата на светите отци созерцанието значи молитвено сосредоточување на душата врз скриените тајни, со кои изобилува човечката личност, како и суштината на од Бога дадената материја.[6] Според Исак Сирин, созерцанието е осет на божествени тајни, скриени во нештата и нивните причини. „Кој созерцанието на умот го собира во себе, го созерцува Господа во своето срце“[6]. Исак Сирин смета дека човечката природа станува способна за вистинско созерцание само кога преку практикување на доблести е исчистена од страста.
Во средновековната филозофија често се спротивставуваат активниот, односно обичниот живот и контемплативниот живот на филозофот (Vita Activa vs. Vita Contemplativa)[7]. Од современите филозофи, Кант подетално го дефинира филозофскиот концепт на контемплација.
Контемплацијата ја познава и еврејската кабала, исламските движења како суфизмот и дервишите, а присутна е и во хиндуизмот (јога) и будизмот.
Наводи
уреди- ↑ „созерцание“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „контемплација“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „контемплација“ — Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ 4,0 4,1 Kontemplacija, Filozofijski rečnik (filozofija.org), Приступљено 25. 4. 2013.
- ↑ Иларион Алфејев, Мистичко богословље Архивирано на 18 мај 2017 г., Приступљено 25. 4. 2013.
- ↑ 6,0 6,1 Јустин Поповић, Гносеологија Исака Сирина, Приступљено 25. 4. 2013.
- ↑ Paul A. Lombardo, Vita Activa versus Vita Contemplativa in Petrarch and Salutati, Приступљено 25. 4. 2013.