Книга Јудита
„Книга Јудита“ — книга од Стариот завет.
Содржина
уредиЦарот Навуходоносор има намера да војува против царот на Мидија, Арфаксад. За таа цел, тој испраќа гласници во сите околни земји, барајќи да му испратат војска, но тие го одбиваат неговото барање. Сепак, и без нивната помош, Навуходоносор ја напаѓа Мидија и го убива царот Арфаксад. Една година подоцна, тој собира голема војска и ги напаѓа околните земји во знак на одмазда поради нивното одбивање. Слушајќи за уништувањето на околните земји, жителите на Јудеја се подготвуваат за одбрана. Пред нападот на Јудеја, еден од заповедниците на војската, Ахиор, го предупредува врховниот водач Олоферн да не војува против Израилевиот народ зашто нив ги чува Бог. Тогаш, Олоферн се разгневува, а Ахиор им го предава на Јудејците, заканувајќи се дека ќе го убие откако ќе ја уништи Јудеја. Утредента, Олоферн го опсадува градот Ветилуја и го запира снабдувањето на градот со вода. Набргу, жителите ги опфаќа очај и тие бараат од своите началници да го предадат градот. Кога разбира за тоа, вдовицата Јудита ги повикува старешините на Ветилуја, убедувајќи да не го предаваат градот, зашто таа има план за негов спас. Убаво облечена и накитена, таа оди во асирската војска, каде ги восхитува сите присутни и ја придобива довербата на Олоферн. Тој приредува гозба во нејзина чест, а ноќта, откако тој се опива и заспива, Јудита му ја отсекува главата и бега во Ветилуја. Таму, го повикуваат Ахиор, кој го препознава Олоферн, а потоа се обрезува и останува да живее со Израилците. Утредента, жителите на Ветилуја изведуваат лажен напад врз асирската војска која, откривајќи го убиството на Олоферн, ја зафаќа страв и се вдава во бегство, така што Израилците лесно го изгонуваат непријателот од својата земја. По победата, народот приредува тримесечна веселба во Ерусалим, славејќи го подвигот на Јудита, која испева пофална песна во чест на Бога. Јудита живее во голема слава и умира на возраст од 105 години, а долго време по нејзината смрт никој не ги напаѓа Израилците.[1]
Наводи
уреди- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 592-607.