Каиса и Вотан

книга за шахот

Каиса и Вотан — историска книга посветена на шахот од рускиот и израелски историчар и шаховски мајстор Савелиј Дудаков. Делото не претставува ниту шаховски учебник, ниту збирка на шаховски партии, туку е посветено на придонесот на еврејските шахисти во развојот на играта низ историјата. Сепак, авторот не ги возвишува еврејските во однос на нееврејските шахисти, споменувајќи ги со почит и сместувајќи ги Капабланка, Алехин и Чигорин како нееврејски шахисти во делото. Книгата е напишана на руски јазик, а првото издание било издадено во 2009 година.

Каиса и Вотан
Корица на книгата
АвторСавелиј Дудаков
Изворен насловКаисса и Вотан
Земја Русија
Јазикруски

Потекло на името уреди

За потеклото на името на делото, посочува и самиот автор во предговорот на делото. Така, „Каиса“ е опишана како божица и покровителка на шахот, односно „шаховска муза“. Првпат името го употребил англискиот ориенталист Вилијам Џонс, кој ја истражувал древната форма на шахот, чатуранга. „Вотан“ пак, е опишан како древно германско божество на војната и мракот, налик на богот Один во нордиската митологија.

Содржина уреди

Содржината е поделена на содржински дел и прилози, при што прилозите се доста обемни и претставуваат значаен дел од вкупната содржинана делото. Содржинскиот дел содржи хронолошки преглед на развојот на играта и опис на биографиите на најзначајните придонесувачи, додека прилозите, повеќе се однесуваат на некои интересни факти во врска со самите шахисти, нивниот меѓусебен однос и реакции.

Содржински дел уреди

Содржинскиот дел започнува со историски осврт на појавата на играта, нејзиното проширување и зголемување на популарноста. Овде, авторот обранл многу повеќе внимание на периодот по XIX век, но доловувајќи интересни факти и пред овој период. Овој главен осврт, хронолошки завршува до средината на XX век.

 
Александар Алехин е еден од неколкумината нееврејски шахисти на кои им е посветено особено внимание.

Во продолжение, авторот се посветил на Евреите кои придонеле во развојот на играта, опишувајќи ги нивните биографии. Најпрвин е наведен список на сите Евреи, кои биле светски прваци, а веднаш потоа се додадени и други значајни еврејски шахисти пред Втората светска војна, како Семјон Алапин, Осип Бернштајн, Ѓула Бреер, Шимон Винавер или Рудолф Шпилман. Интересно е тоа што, опишани се биографиите само на шахистите, кои не биле светски прваци, а се наведени факти за нивната шаховска кариера, но не и анализи на партии. Единствено, во биографијата на Шпилман е наведен извадок од негова партија против Алехин, но без стручен коментар, туку само со запис на последните потези од партијата. Во продолжение се наведени и седум шахисти кои загинале за време на Втората светска војна, а овде авторот ја споменува и првата жена, Вера Менчик, којашто била првата светска првенка. Хронолошкиот редослед продолжува со поглавјето насловено „супервелемајстори“, во кое се обрнува внимание на силните еврејски шахисти по војната.

Освен за шахистите, одвоено е место и на познатите шаховски композитори, а во посебно поглавје се сместени Владимир Брон и Лав Лошински, коишто авторот ги нарекува „генијални шаховски композитори на XX век“. Исто така, се наведени и заслужните за популаризација на шахот, како и организаторите на шаховски настани и турнири.

Дудаков, делото го продолжил, посветувајќи им поголемо внимание на Штајниц, Капабланка, Ласкер, Таљ и Ботвиник како некогашни светски прваци, а веднаш потоа е вклучен и писателот Михаил Левидов, на кого му е посветено особено внимание.

На крајот од содржинскиот дел, сместено е поглавјето со наслов „Пеперутка и пирамида“, преку кој Дудаков доловува неколку интересни факти за шахот и неговата поврзаност со масонството со прифаќањето на мотото „Gens una sumus“. Содржинскиот дел завршува со поврзување на шахот со интелигенцијата.

Прилози уреди

Првиот прилог се однесува на отвореното писмо на Шпилман кон Алехин, откако на турнирот во Берн во 1932 година, меѓу другите, не биле поканети ни Капабланка, Ласкер ниту пак Шпилман. Писмото во кое, Шпилман го обвинува светскиот првак е наведено во целост, а во продолжение како втор прилог е наведена и реакцијата на Алехин.

Третиот и четвртиот прилог се посветени на статијата „Шах“ од Јакоб Мизес, објавена во Берлин во 1959 година, односно на статијата „Шаховски регрес“ од Акиба Рубинштајн, објавена во 1925 година, која е наведена во целост. Во шестиот прилог е наведена и статија од Савелиј Тараковер.

Петтиот прилог е целосно посветен на случувањата на турнирот во Њујорк во 1927 година. Посочена е причината поради којашто Ласкер не бил повикан да учествува на турнирот, а додаден е и коментар, кој содржи анализа на случувањата на турнирот, како и вовед во силните турнири и настани по турнирот.

Останатите прилози се со различна содржина, а се посветени на шаховската тајна на Емануел Ласкер, сеќавање на шаховскиот првак на Советскиот Сојуз од 1827, Фјодор Богатирчук, како и списанието „Будилник“ и развојот на шаховското новинарство.

Стил на пишување уреди

Делото изобилува со својот необичен стил и начин на којшто е обработен шахот во својот историски развој, како и улогата на еврејските шахисти во тоа. Сепак, значајно место во него заземаат и Чигорин, Капабланка и Алехин, како нееврејски шахисти, кои се опишани реално, што ја потврдува неутралноста на авторот во создавањето на делото. Хронолошкиот редослед на настаните го прават делото временска целина, а темелната обработка е поткрепена со наведувањето на обемни прилози со целосни извадоци и стручни коментари. Секое поглавје изобилува со бројни слики и фотографии, како и табели со резултати, кои на читателот поедноставно му ја доловуваат односната содржина.

Надворешни врски уреди