Исход (библиска книга)

книга од Библијата

Исход,[1] Излез или Втора книга Мојсеева — втората книга на Стариот завет од Библијата.[2]

Содржина уреди

По смртта на Јосиф и неговите браќа, нивното потомство брзо се размножува, така што египетскито владетел гледа на нив како на можна закана и зпаочнува да ги измачува присилувајќи ги на тешка физичка работа. Во тоа време, една Еврејка раѓа машко дете кое го остава крај реката, а него го наоѓа ќерката на фараонот и го посвојува. Кога станува возрасен, Мојсеј, убива Египќанец што мачи еден Евреин, а потоа бега од Египет. Во меѓувреме, маките на Евреите во Египет продолжуваат, па Господ се нажалува и одлучува да им помогне. Така, тој му се јавува на Мојсеј и го испраќа кај фараонот за да побара да ги пушти Евреите да го напуштат Египет. Во таа прилика, Господ му дава на Мојсеј стап со чудесна моќ, а тој му ја пренесува божјата порака на својот брат Арон. Арон и Мојсеј го молат фараонот да ги пушти Евреите, но тој се разлутува и почнува уште повеќе да ги измачува. Тогаш, со божја помош, Арон и Мојсеј ги претвораат египетските реки во крв, а потоа, со помош на чудотворниот стап предизвикуваат наезда на жаби и бубачки. Под дејство на тие чуда, фараонот се согласува да ги ослободи Евреите, но не го исполнува ветувањето. Поради тоа, Господ предизвикува помор на сиот египетски добиток и болести кај луѓето, голем град, громови и пожари, наезда на скакулци и тридневна темнина, но фараонот пак не попушта. Најпосле, Господ им дава упатства на Мојсеј и Арон да заколат јагниња и со крвта да ги обележат праговите на еврејските куќи, а во текот на ноќта ги убива сите првородени деца на Египќаните. Дури тогаш, фараонот попушта и, по 430 години, Евреите можат да го напуштат Египет. Во таа прилика, Господ му дава упатства на Мојсеј за обичаите со кои во иднина Евреите треба да ја прославуваат пасха како спомен на нивното ослободување. Господ лично ги придружува Евреите до Црвеното Море, а тогаш Египќаните започнуваат потера по нив. Меѓутоа, Господ го разделува морето и така им овозможува на бегалците да поминат, а потоа ја потопува и ја уништува египетската војска. Во текот на 40 години, Евреите талкаат низ пустината пред најпосле да дојдат до земјата Хананска, а за тоа време Господ им дава храна.[3]

На планината во Синај, Господ се појавува пред Евреите и на Мојсеј му ги соопштува Десетте заповеди, како и другите закони во врска со убиствата, правата на робовите, тепачките, правењето штета на други луѓе, кражбите, подметнувањето пожари, половото искористување на девојки, навредувањето вдовици и сираци, давањето пари на заем, почитувањето други богови, лажното сведочење, земањето подароци, обработката на земјата, работната недела итн. Притоа, Гопсод му дава на Мојсеј две камени плочи на кои се напишани неговите заповеди. Подоцна, Господ пак го повикува Мојсеј да се качи на планината, каде тој престојува 40 дена, давајќи му упатства за изработка на неговото светилиште — скинијата, за свечената облека на Арон и другите свештеници и за обредите на принесувањето жртви.[4]

Додека Мојсеј престојува на Синајската гора, заедно со Господ, на барање на народот, Арон прави златно теле кое луѓето го обожаваат како божество. Гледајќи го тоа, Господ сака да го уништи народот, но се смилува на молба од Мојсеј. Тогаш, Мојсеј се враќа назад, ги крши плочите со божјите заповеди, го уништува златното теле и собира група мажи, кои убиваат околу три илјади луѓе, како казна за безбожничкото однесување. Потоа, се враќа на Синајската гора каде повторно престојува 40 дена, разговарајќи со Господ, а кога се враќа кај луѓето, лицето на Мојсеј зрачи, зашто во него е влезена милоста божја. Така, народот несебично собира прилози за изградба на скинијата, а потоа група мајстори, избрани од Господ, ја изработуваат скинијата, заедно со свеќникот, трпезата, садовите, дворот, жртвеникот и свечената свештеничка облека, а сето тоа според упатствата на Господ. Во првиот ден од првиот месец на новата година, Мојсеј ја поставува скинијата во која влегува славата на Господ во вид на облак.[5]

Наводи уреди

  1. Зборот „исход“ е архаизам, но Македонската православна црква службено го користи. Значењето е „излез, егзодус, бегство“. Книгата е најпозната како Исход, а во некои преводи ја има и како „Излез“ или „Втора книга Мојсеева“.
  2. „Македонска православна црква — Macedonian Orthodox Church“. www.m-p-c.org. Посетено на 2023-04-10.
  3. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 67-85.
  4. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 85-103.
  5. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 103-115.