Имигрант (филм од 1917)
Имигрант (англиски: The Immigrant) - американски филм од 1917 година, во режија на Чарли Чаплин, кој е автор и на сценариото и ја игра главната улога, заедно со Една Пурвианс (Edna Purviance), Ерик Кембел (Eric Cambell), Алберт Остин (Albert Austin) и Хенри Бергман (Henry Bergman).[1] Поради неговото големо значење, во 1998 година филмот бил ставен во Националниот филмски регистер на САД.[2]
Содржина
уредиВо филмот Чаплин глуми имигрант кој со брод патува кон САД, во потрага по подобар живот. Додека плови бродот, сите патници лежат на палубата или повраќаат поради морска болест. За време на ручекот, тој запознава убава девојка (ја игра Пурвианс). Подоцна, тој игра комар со група патници при што заработува многу пари. Во меѓувреме, мајка ѝ на девојката е ограбена, но кога ја здогледува расплакана, имигрантот скришум става во нејзиниот џеб одреден износ пари, а капетанот помислува дека тој е крадец. Сепак, девојката го одбранува. Кога бродот пристигнува во САД, тој и девојката се разделуваат.
По некое време, имигрантот шета низ улиците и наоѓа монета која му овозможува да влезе во ресторан и да порача јадење. Меѓутоа, тој ја губи парата, а има можност да види како келнерите безмилосно претепуваат еден гостин кој нема доволно пари да ја плати сметката. Иако уплашен од можноста да добие ќотек, тој се разведрува кога ја здогледува девојката од бродот (на која ѝ умрела мајката) и порачува храна и за неа. Среќата му се насмевнува кога во ресторанот доаѓа гостин кому му испаѓа една монета и имигрантот со неа ја плаќа сметката. За жал, келнерот (го игра Кембел) ја проверува монетата и утврдува дека е фалсификувана. Кога имигрантот нема никаква надеж, на неговата маса доаѓа еден глумец (го игра Бергман) кој на келнерот му остава напојница, а имигрантот ги искористува тие пари за да си ја плати сметката. Тој се спријателува со глумецот кој му ветува дека ќе го ангажира и му дава аванс. Најпосле, имигрантот и девојката се венчаваат.[3]