Златна кула
Златна кула (арапски: بُرْج الذَّهَب; бурџ ад дахаб) — воена стражарска кула со дванаесетаголна основа којашто се наоѓа во Севиља. Кулата била изградена во првата третина на 13 век од страна на Алмохадската династија за да се надгледува пристапот до градот преку реката Гвадалкивир. Во неа денес е сместен Поморскиот музеј на Севиља.[1]
Кулата била прогласена за национален споменик во 1931 година и била обновувана повеќепати низ историјата. Последните зафати биле извршени во 1900, од 1991 до 1992, во 1995 и во 2005 година. На 13 август 1992 година, Златната кула била збратимена со Белемската кула во Лисабон заради чествување на Светската изложба којашто истата година се одржала во Севиља.[2]
Во непосредна близина на Златната кула се наоѓа Сребрената кула којашто се претпоставува дека била изградена во истиот период.
Потекло на името
уредиКулата името го добила по златниот отсјај којшто го прави во реката поради материјалите од коишто е изградена, односно малтер, креч и втиснато сено.
Архитектура
уредиГрадбата на кулата се состои од три дела. Првиот е со дванаесетаголна основа и бил изграден во 1220 година по наредба на алмохадскиот управител на Севиља Абу Лула. Вториот дел исто така е со дванаесетаголна основа и бил изграден од страна на Педро I Кастиљски во 14 век, што е претпоставка потврдена со археолошки истражувања. Третиот и најгорен дел има кружна основа и бил додаден откако претходниот најгорен дел бил оштетен во лисабонскиот земјотрес од 1755. Обновување на третиот дел го извршил бриселскиот воен инженер Себастијан ван дер Борхт во 1760 година.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Folleto del Museo Marítimo Torre del Oro. Museo Naval de Madrid.
- ↑ «Cien barcos portugueses en el hermanamiento entre las torres de Belem y del Oro». ABC de Sevilla. 13 август 1992.
Надворешни врски
уреди„Златна кула“ на Ризницата ? |