Езерце (Трубарево)

заштитено подрачје во Трубарево

Езерце — месност прогласена за заштитено подрачје во категоријата споменик на природата. Се наоѓа во атарот на скопското село Трубарево.[1]

Просторот на Езерце за време на периодот на терциер бил дел од некогашното скопско неогено езеро. Подоцна со повлекување на водата овој простор останал на суво и постепено бил освојуван од терестички флорни и фаунистички видови. Целиот простор е на средна надморска височина од околу 235м и зафаќа површина од 5,7 ха. Од климатски аспект овој дел од просторот е под влијание на континентална клима од север и мало влијание на подсредоземна клима која продира по течението на реката Вардар од југ. Средната годишна температура изнесува 12,2С°. Последново укажува дека станува збор за доста ариден (сушен) регион, со малку врнежи (средно годишни количини на врнежи од 514 мм). Месноста е сместеноа во алувијалната рамнина на река Вардар што укажува на фактот дека просторот изобилува со подземна хидрографска мрежа. Езерце преку целата година е под вода при што во летниот период водата се задржува само во пониските места. Подлогата е доста влажна преку целата година и во неа се развива типична блатна вегетација со доминација на трската и рогозот. Во езерцето на површината на водата доминантна е лемната. Во месноста застапени се претставници од грмушеста и дрвенеста вегетација (повремено поплавена шума). Доминантни се: бела врба, кршлива врба, бела топола, црна топола, брест, а се среќаваат: врес, јавор, бозел и багрем. Од безрбетната фауна доминантни се претставниците од групата инсекти: 5 вида вилински кончиња, 18 вида дневни пеперутки, 8 вида скакулци; од мекотелите регистрирани се: медицинска пијавица, 3 вида водни полжави, а на крајбрежјето 3 вида копнени полжави. Од ’рбетната акватична фауна застапени се: 2 вида риби, 2 вида водоземци и 2 вида влекачи; од копнената рбетна фауна: 2 вида водоземци, 4 вида влекачи, 51 вид птици и 19 вида цицачи (15 лилјаци и 5 други цицачи: крт, еж, верверичка, дива мачка, бизамски стаорец). Според меѓународниот статус на видовата разновидност во месноста издвоени се следните групи: 8 вида од херпетофауната се со статус на заштитени видови во европски рамки (Бернската конвенција прилог II се 4 вида; прилог II се 2 вида и во КОРИНЕ листа се 3 вида). Од орнитофауната во месноста се издвоени 21 вид птици со меѓународно значење: во Спец. категорија 2 се 2 вида, во Спец. категорија 3 се 12 вида, а во Спец. категорија 4 се 7 вида; во прилог И на ЕУ директивата за диви птици се 13 вида птици; Во Бернската конвенција прилог II се 18 вида, а во прилог III се 3 вида; во прилог II на Бонската конвенција се 10 вида и 15 вида се во КОРИНЕ листата. Од терофауната во месноста се издвоени 14 видови со меѓународно значење, од кои во светската список на загрозени диви животински видови се 11 вида, во прилог II на Бернската конвенција се 3 вида, во прилог III се 4 вида, а во КОРИНЕ листата се 11 вида. Со статус на загрозеност, односно ранливост се 9 вида лилјаци. Месноста се одликува и со значајни еколошки, образовни и рекреативни вредности поради кои во 1994 година заедно со Арборетумот бил прогласен како заштитено подрачје во категоријата споменик на природата.[2][3]

Поврзано уреди

  • Дендропаркарборетум кој постои од 1953 година;
  • Острово — остаток од поранешното острово на Вардар кое во 1976 година било прогласено како заштитено подрачје во категоријата споменик на природата;

Наводи уреди

  1. ИЗВЕШТАЈ ЗА САМОЕВАЛУАЦИЈА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ СВ. „КИРИЛ И МЕТОДИЈ’’ ВО СКОПЈЕ ШУМАРСКИ ФАКУЛТЕТ ВО СКОПЈЕ 2013
  2. Острово, Езерце и Арборетум-споменици на природата[мртва врска]
  3. МИНИСТЕРСТВО ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА И ПРОСТОРНО ПЛАНИРАЊЕ УПРАВА ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА; НАЦИОНАЛЕН СИСТЕМ НА ЗАШТИТЕНИ ПОДРАЧЈА. м-р Сашко Јорданов; 23-24.04.2009, Дојран