Домобранот Јамбрек

Домобранот Јамбрек – (хрватски: Domobran Jambrek) – расказ на хрватскиот писател Мирослав Крлежа, дел од збирката „Хрватскиот бог Марс“.

Содржина

уреди

Јамбрек пристигнал во баталјонот пијан, заедно со другите регрути, кои првите денови биле целосно збунети од новата средина во која се нашле. Во текот на обуката, тие поминале тешки денови, изложени на навредите и тормозењето од страна на подофицерите. Единствено, за време на неделните миси, регрутите чувствувале гордост што ќе заминат на бојното поле, иако повеќето од нив немале јасна претстава за целта и смислата на војувањето. Кога пристигнал на фронтот во Галиција, Јамбрек се навикнал на воената атмосфера, но за време на еден противнапад на австриската армија, тој бил тешко ранет при експлозијата на граната. Кога се освестил, тој се наоѓал во камион на Црвениот крст, но при обидот да види што се случило со него, повторно се онесвестил. Вториот пат се освестил во еден воз, но и тогаш не бил свесен за својата состојба. Всушност, уште во возот нему му ја ампутирале едната нога, а потоа го префрлиле во дворецот на австриската принцеза Марија Анунцијата, кој бил претворен во болница. Таму му ја ампутирале и другата нога, но тој повторно не бил свесен за својата состојба. Еднаш, при посетата на ранетите, принцезата била восхитена од неговата убавина и наредила да го пренесат во близината на нејзината соба. Оттогаш, таа ја презела грижата за Јамбрек врз себе при што станала опседната со неговото тело, така што во една прилика го соблекла и започнала да го милува. Потоа, на работ на нервен слом, таа ја напуштила болницата и повеќе на се вратила назад. Тогаш, Јамбрек се освестил и видел во каква состојба се наоѓа, па почнал да ја обвинува принцезата дека му ги изгризала нозете. Кога закрепнал, му ставиле ортопедски протези и го префрлиле во градската воена болница, заедно со многу други ранети војници. Таму, Јамбрек се сеќавал на принцезата, посакувајќи повторно да биде крај неа. Еднаш, тој излегол на улицата и во блискиот фризерски салон видел восочна фигура на жена, убава како принцезата која го негувала.[1]

Наводи

уреди
  1. Miroslav Krleža, Hrvatski bog Mars. Beograd: Rad, 1963, стр. 53-83.