Димитрије Атанацковиќ
Димитрије Атанацковиќ (5 октомври 1914, Цазин - 27 јули 2004, Риека) — фармаколог, редовен професор, основоположник и прв директор на Институтот за фармакологија во Скопје.[1]
Димитрије Атанацковиќ | ||
Роден | 5 октомври 1914 Цазин, Босна и Херцеговина | |
---|---|---|
Починал | 27 јули 2004 Риека, Хрватска | |
Занимање | универзитетски професор, фармаколог |
Животопис
уредиДимитрије Атанацковиќ е роден во Цазин. Медицински факултет завршил во Белград, во 1937 година, каде бил избран за асистент по „Фармакологија“.[1] Во Втората светска војна работел како лекар во Земун, каде во текот на 1942 година се поврзал со НОБ. Во 1944 година, Атанацковиќ стапил во редовите на народноослободителната војска, во која имал раководни места во санитетот на Втората македонска ударна дивизија. По војната, во март 1947 година бил избран за доцент на Медицинскиот факултет во Скопје, а набргу потоа станал директор на фармаколошкиот институт, којшто го основал.[1] На усовршување бил во градот Ганд во Белгија од 1949 до 1950 година, а во периодот од 1963 до 1964 година во Бостон, САД. Во 1952 година бил избран за вонреден професор на Медицинскиот факултет во Скопје, и декан на истиот факултет во периодот од 1955 до 1957 година.
Во 1957-1958 година, на покана на Фармацевтскиот факултет во Белград, Атанацковиќ преминал како професор на тој факултет, а во 1959 година, на покана на Медицинскиот факултет во Риека, бил избран за редовен професор по предметите „Фармакологија„ и „Патолошка физиологија“, каде останал до своето пензионирање. Меѓу другото, Димитрије Атанацковиќ ја обавувал должноста декан на Медицинскиот факултет во Риека.
Автор е на повеќе научни трудови и учебници, а бил уредник на „Котмаеровиот прирачник за практични лекари“. Бил член на бројни интернационални друштва за физиологија, фармакологија и токсикологија, управител на Заводот за фармакологија и патолошка физиологија во Риека, ја организирал постдипломската настава во Риека и Белград, како и на медицинските факултети во Загреб и Љубљана. Димитрије Атанацковиќ исто така го организирал одделот за фармакологија на фабриката Галеника во Земун.
Добитник е на бројни признанија и награди, меѓу кои: Орден на заслуги за народот со златен венец и Орден на трудот со златен венец.