Дикарион (ст.гр. di — «два» и karyon — «лешник») — парни зближени хаплоидни јадра во клетките (дикариотски клетки) кај некои живи организми, и тоа првенствено кај габите од потцарството Dikarya. Дикарионските структури се плезиоморфна одлика на потцарството Dikarya, кое ги вклучува торбестите и столпчестите габи.

Во некои габни клетки, по плазмогамијата, за време на процесот на соматогамија, две хаплоидни јадра од клетките на хифите се зближуваат во парови, коегзистираат без кариогамија и синхроно се делат на таков начин, што парни јадра се сместуваат како во мајчинската, така и во ќеркините клетки. Кај торбестите габи, дикариотската фаза во развитокот настапува само кога се формира плодното тело, по пат на сливање на "+" клетка со "-" клетка од мицелиумот и создавање на аскогон. Од аскогонот се развиваат фертилни аскуси и стерилни хифи. Кај столпчестите габи, дикариотската фаза е доминантна во животниот циклус. Дикарионот кај нив се формира веднаш по ‘ртењето на базидиоспорите во монокариотски мицелиум, како резултат на соматогамија меѓу "+" и "-" мицелиуми.