Плоидност
Плоидност (од грчки ploos и eidos) е број кој покажува за колку пати е повторен хромозомскиот број карактеристичен за половите клетки на организмите од даден вид. Повеќето од организмите се размножуваат полово и се диплоидни, односно во своите телесни (соматски) клетки содржат парови на хромозоми (по 1 хромозом од хаплоидните полови клетки на двата родитела). Плоидноста може да се измени по природен или вештачки пат, што резултира во анеуплоидија (намалување на нормалниот број хромозоми) или еуплоидија (зголемување на нормалниот број).
Еуплоидното зголемување на бројот на хромозомските парови (полиплоидија) произлегува од неразделувањето на хромозомите за време на клеточната делба или спојување (конјугација) на две клеточни јадра. Се разликуваат два вида на полиплоидии: автополиплоидија, кога се зголемува бројот на хомологните парови на хромозоми и алополиплоидија, кога се соединуваат геномите од два различни видови (при хибридизација). Нераздвојувањето на геномите може да се случи и во клетки од одделни ткива од организмот (соматска полиплоидија, својствена за многу растенија и животни). Со полиплоидизацијата можат да се создадат нови видови на растенија, и затоа таа претставува важен фактор на еволуцијата. Меѓутоа, оваа појава нема голема улога кај организмите што се размножуваат со партеногенеза. Анеуплоидиите водат до сериозни нарушувања во развитокот, често доведувајќи и до смрт на организмот. Тие не играат значајна улога во еволуцијата.