Хифи
Хифите (од грч. ὑφή — пајажина) се кончести творби кај габите кои се состојат од многу клетки или содржат повеќе јадра.
Се разликуваат септирани хифи (многуклеточни) и несептирани хифи (претставени со една џиновска многујадрена клетка). Кога имаме септирани хифи, тогаш во клеточните прегради (септи) може да постојат отвори низ кои цитоплазмата и органелите (вклучително и јадрата) слободно преминуваат од клетка во клетка.
Некои хифи растат по пат на апикален раст, при што во текот на растот тие можат силно да се разгранат. Хифите се способни да се обединат во надолжни групации, со што образуваат поголеми (неколку метри долги и неколку милиметри широки) конци наречени ризоморфи (ст.грч. ῥίζα — корен, μορφή — форма). Погуста мрежа или плексус од хифи формираат склероциите (ст.грч. σκληρός — цврст), од кои можат да се добијат плодните тела. Сите хифи кај една габа го образуваат мицелиумот.
Густо испреплетените групи на хифи во плодните тела на габите го образуваат плектенхимот. Тоа е лажно ткиво кое потсетува на паренхим, но не се создава од тридимензионалната делба на клетките, туку со густо зближување на нишките од хифи.
Основната функција на хифите е апсорпција на вода и хранливи материи. Некои хифи се претворени во хаустории (органи за „искачување“ на водата и хранливите материи), ловечки стапици (кај грабливите габи) итн.
„Хифи“ на Ризницата ? |