Десет казни египетски
Десетте казни египетски се катастрофите опишани во Петокнижјето што ги снашле Египќаните поради одбивањето на египетскиот фараон да ги ослободи поробените Израилци. Тоа довело до иселување на Евреите од Стариот Египет. Според книгата Исход, Мојсеј, во името на Бога, бара фараонот да го ослободи својот народ, ветувајќи дека во спротивно Бог ќе го казни Египет. Фараонот не послушал, и 10 катастрофи биле донесени врз Египет, и секојпат по новото одбивање на фараонот да ги пушти Евреите да си одат, следела друга катастрофа:[1][2]
Во Библијата
уредиПрва казна: Претворање на водата во крв
уредиИ Господ му рече на Мојсеј: „Тврдо е срцето фараоново; и нема да го пушти народот. Појди утре кај фараонот. И ете, тој ќе излезе до водата, и пресретни го на речниот брег; стапот, пак, што се претвори во змија, земи го во раката своја. И кажи му: 'Господ, Бог на Евреите, ме испрати кај тебе да ти кажам: ‚Пушти го народот Мој за да ми изврши служба во пустината!‘ Но ти, ете, досега не Го послуша. Затоа Господ вели: ‚По ова ќе познаеш дека Јас сум Господ‘. Еве, со стапов, што ми е во раката; ќе удрам по водата, што е во реката, и таа ќе стане крв. И рибите што се во реката ќе изумрат, и реката ќе се усмрди, а Египќаните не ќе можат да пијат вода од реката“.
Му рече Господ на Мојсеј — „Кажи му на Арон: ‚Земи го стапот свој и пружи ја раката своја над водите египетски: над реките нивни, над потоците нивни, и над езерата нивни, и над сите нивни собиралишта на води; и тие ќе се претворат во крв. И сѐ ќе стане крв по целата египетска земја, и во дрвените и во камените садови.‘“ И направија Мојсеј и Арон така, како што заповеда Господ. И го зеде Арон стапот свој, па удри по речната вода пред очите на фараонот и слугите негови. И сета речна вода се претвори во крв. И изумреа рибите, што беа во реката, и се усмрди реката, така што Египќаните не можеа да пијат вода од реката; и крв имаше по целата египетска земја. Но и врачевите египетски го направија истото со своето вражање. И срцето на фараонот се ожесточи и тој не ги послуша нив, како што им беше рекол Господ. Потоа се сврте фараонот и си отиде дома; и ни од тоа не се поучи тој. А Египќаните, сите, почнаа да копаат околу реката, барајќи вода за пиење; зашто не можеа да пијат вода од реката. И така изминаа седум дена, откако Господ ја казни реката.
Втора казна: Страдање од жаби
уредиПотоа Господ пак му рече на Мојсеј: „Оди кај фараонот, и кажи му — вака вели Господ: ‚Пушти го народот Мој, да Ми изврши служба.‘ А ако не се согласиш да го пуштиш, еве, Јас ќе ја казнам целата земја твоја со жаби; и реката ќе се исполни со многу жаби, и тие ќе излезат и ќе влезат кај тебе дома, и во твојата спална, и во постелата твоја, и во куќите на слугите твои и народот твој, и во печките твои, и во ноќвите твои. Врз тебе ќе скокаат жаби и врз народот твој и врз слугите твои“.
И му рече Господ на Мојсеј: „Кажи му на Арон: Пружи ја раката твоја со стапот свој врз реките, врз потоците и врз езерата, и направи жаби да излезат по земјата египетска.“ И ја пружи Арон раката своја врз водите египетски, и произлегоа жаби; и ја покрија земјата египетска. Но и врачевите го направија истото со своето вражање, па изведоа жаби по земјата египетска. Тогаш фараонот ги повика Мојсеј и Арон и им рече: „Помолете Му се на Господ, да ги отстрани жабите од мене и од народот мој, и јас ќе го пуштам народот да Му принесе жртва на Господ“. А Мојсеј му рече на фараонот: „Определи кога сакаш да Му се помолам за тебе, за слугите твои и за твојот народ, за да се отстранат жабите од тебе и од куќите ваши, а само во реката да останат“. И рече: „Утре“. А Мојсеј рече: „Нека биде како што рече ти, за да познаеш дека нема друг како Господ, нашиот Бог. Ќе отидат жабите од тебе, од куќите твои, од слугите твои и од народот твој; само во реката ќе останат“. Потоа Мојсеј и Арон излегоа откај фараонот. И Мојсеј Му се помоли на Господ за жабите, што Тој ги беше испратил врз фараонот. И Господ направи како што измоли Мојсеј: жабите изгинаа по куќите, по дворовите и по нивите. И ги собраа на купишта, така што земјата засмрде. А кога фараонот виде дека злото помина, му отврдна срцето, и не ги послуша нив, како што беше рекол Господ.
Трета казна: Страдање од мушички
уредиТогаш Господ му рече на Мојсеј: „Кажи му на Арон: ‚Пружи го стапот свој, и удри по земјата‘ — и ќе се појават мушички по целата земја египетска“. Така и направија: Арон го пружи со раката стапот свој, и удри по правот на земјата, и се појавија мушички по луѓето и по добитокот; сиот песок на земјата се претвори во мушички, по целата земја египетска. Се обидоа и вражачите со вражањето свое да произведат мушички, но не можеа. И имаше мушички по луѓето и по добитокот. И му рекоа вражачите на фараонот: „Ова е знак Божји!“ Но срцето на фараонот пак се стврдна, и не ги послуша, како што беше рекол Господ.
Четврта казна: Страдање од бубачки
уредиИ Господ му рече на Мојсеј: „Стани утре рано и појди кај фараонот. Тогаш тој ќе излезе кај реката, а ти кажи му: ‚Вака вели Господ: пушти го народот Мој, да Ми изврши служба“. А ако не сакаш да го пуштиш народот Мој, еве, Јас ќе пуштам врз тебе и врз слугите твои, и врз народот твој и во домовите твои бубачки, и ќе се исполнат со бубачки куќите египетски, и земјата на која стојат. А во оној ден ќе ја одделам земјата Гесем, каде што живее Мојот народ, и таму нема да има бубачки, за да познаеш дека Јас сум Господ на земјата. И ќе направам разлика меѓу народот Мој и народот твој. Утре ќе го има тој знак“. И направи Господ така: и се појавија многу бубачки во куќата фараонова, во куќите на слугите негови и во целата земја египетска; земјата настрада од бубачките. Фараонот ги повика Мојсеј и Арон, и им рече: „Отидете, принесете Му жртва на вашиот Бог во оваа земја!“ Но Мојсеј рече: „Не е можно така да биде, зашто принесувањето жртва на Господ, нашиот Бог, е нечисто за Египќаните; ако ние принесеме нечиста за Египќаните жртва пред нивните очи, нема ли тие да нѐ убијат со камења? Три дена пат ќе одиме во пустината, за да Му принесеме жртва на Господ, нашиот Бог, како што Тој ќе ни каже“. И фараонот рече: „Ќе ве пуштам да Му принесете жртва на Господ, вашиот Бог, во пустината; но не одете подалеку, и помолете се и за мене!“ А Мојсеј рече: „Еве, јас одам од тебе и ќе Му се помолам на Господ, и бубачките утре ќе исчезнат од тебе и од слугите твои, а и од народот твој. Но престани, фараоне, да нѐ мамиш, не пуштајќи го народот да Му принесе жртва на Господ!“ И отиде Мојсеј откај фараонот, и Му се помоли на Господ. И Господ направи како што измоли Мојсеј, и си отидоа бубачките од фараонот, и од слугите негови, и од народот негов; не остана ниедна. Но пак се ожесточи срцето фараоново, и пак не го пушти народот.
Петта казна: Помор врз сиот добиток
уредиТогаш Господ му рече на Мојсеј: „Појди кај фараонот и кажи му: ‚Вака вели Господ, Бог на Евреите: пушти го народот Мој, за да ми изврши служба. Зашто, ако не го пуштиш, па и понатаму го задржуваш, еве, раката Господова ќе дојде врз добитокот твој во полето, врз коњите, врз магарињата, врз камилите, врз говедата и врз ситниот добиток и многу голем помор ќе настане. И ќе го раздели Господ израилскиот од египетскиот добиток; и од сиот добиток на синовите израилски нема ништо да загине“. И определи Господ време, велејќи: „Утре ќе го направи тоа Господ во оваа земја“. И го изврши тоа Господ утредента, и сиот добиток египетски пцовиса; а од добитокот на синовите израилски ништо не загина. И виде фараонот дека од добитокот израилски не беше загинато ниту едно грло. Но фараоновото срце одново се ожесточи, и тој пак не го пушти народот.
Шеста казна: Страдање од струпје
уредиТогаш Господ им рече на Мојсеј и на Арон, велејќи: „Земете полни раце пепел од печката, и Мојсеј нека ја фрли пред фараонот спрема небото; и ќе се дигне прав по целата египетска земја; а од неа ќе се појават струпје и на луѓето, и на добитокот по целата египетска земја“. И зедоа пепел од печката, и застанаа пред фараонот; па ја фрли Мојсеј спрема небото, и се појавија гнојни струпје по луѓето и по добитокот. И вражачите не можеа да стојат пред Мојсеј поради струпјето, зашто струпје имаше и на вражачите и на сите Египќани. И го ожесточи Господ срцето на фараонот и тој не ги послуша, како што му беше рекол Господ на Мојсеј.
Седма казна: Гром, молњи и огнен град
уредиПотоа му рече Господ на Мојсеј: „Стани утре рано и излези пред фараонот и кажи му: ‚Еве што вели Господ, Бог на Евреите: пушти го народот Мој, за да Ми изврши служба, бидејќи овој пат ќе ги пуштам сите мои зла, против тебе, против твоите слуги и против твојот народ, за да познаеш дека нема друг каков што сум Јас на целата земја. Зашто сега, ако ја пружам Својата рака, ќе те казнам тебе и народот твој со помор, така што ќе се истребите од земјата. А те оставив досега само за да ја покажам над тебе силата Своја, за да биде проповедано името Мое по целата земја. Уште ли ќе се креваш против Мојот народ, и уште ли нема да го пушташ? Па, еве, утре, токму во овој час, Јас ќе пратам град многу голем, каков што немало во Египет, откако настанал па досега. Затоа, сега нареди да се прибере добитокот твој, и сѐ што имаш по полето; бидејќи врз сите луѓе и врз сиот добиток што ќе се затечат во полето и не бидат прибрани дома, ќе падне град и ќе изгинат“. Оние фараонови слуги, кои се уплашија од зборовите Господови, брзо ги прибраа слугите свои и добитокот свој по куќите. А оној, пак, кој не им поверува на зборовите Господови, тој ги остави слугите свои и добитокот свој во полето. И му рече Господ на Мојсеј: „Пружи ја раката своја кон небото, и ќе удри град по целата египетска земја — врз луѓето, врз добитокот и врз тревата земна“. И Мојсеј го крена стапот кон небото и Господ пушти громови и град, и молњите ги состави со земјата. И прати Господ град врз египетската земја. Паѓаше град, а и молњи имаше меѓу градот многу силни, какви што немало во египетската земја, откако биле населени луѓе во неа. А градот уништи во целата земја египетска сѐ што беше надвор — од човек до животно; и градот ги уништи сите растенија по полето, и сите дрвја во полето ги испокрши. Само во земјата Гесем, каде што беа синовите на Израил, немаше град.
Фараонот пак ги повика Мојсеј и Арон, и им рече: „Сега згрешив; Господ е праведен, а јас и мојот народ сме виновни. Помолете Му се на Господ; нека престанат громовите Божји и градот, па ќе ве пуштам, и повеќе никој нема да ве задржува“. А Мојсеј му рече: „Штом ќе излезам од градот, ќе ги кренам рацете мои кон Господ, и громовите ќе престанат и град повеќе нема да има, за да познаеш дека земјата е Господова. Но јас знам дека ти и слугите твои уште нема да се уплашите од Господ Бог“. И така пропаднаа ленот и јачменот, зашто јачменот беше искласил, а ленот — фаќаше семе. А пченицата и р'жта не пропаднаа, бидејќи беа доцни жита. И Мојсеј излезе откај фараонот надвор од градот, ги издигна рацете свои кон Господ; и престанаа громовите и градот, и не паѓаше веќе дожд на земјата. Но фараонот, откако виде дека престанаа дождот, градот и громовите, продолжи пак да греши, и закорави срцето негово и на слугите негови. И се ожесточи срцето фараоново, и тој пак не ги пушти синовите на Израил, како што беше рекол Господ преку Мојсеј.
Осма казна: Страдање од скакулци
уредиТогаш Господ му рече на Мојсеј: „Оди кај фараонот, зашто Јас му го ожесточив срцето негово и срцето на слугите негови, за да ги покажам овие мои знаци врз нив; па да му раскажувам на синот твој и на внукот твој што сторив во Египет, како и за знаците Мои, што ги покажав во него, за да знаете дека Јас сум Господ“. И отидоа Мојсеј и Арон кај фараонот и му рекоа: „Еве што вели Господ, Бог на Евреите: 'До кога ќе одбиваш да Ми се покориш? Пушти го народот Мој да Ми изврши служба! Зашто, ако не го пуштиш народот Мој, еве, утре Јас ќе пратам скакулци во земјата твоја. И тие ќе ја покријат површината на земјата, така што не ќе се гледа копно; и ќе го изедат остатокот, што не го уништи градот; ќе ги изедат и сите дрвја, што ви растат по полето. И ќе ги наполнат куќите твои, куќите на слугите твои и куќите на сите Египќани — такво нешто не виделе татковците твои, ни прадедовците нивни, откако живеат на земјата па сѐ до денес'“. И свртувајќи се, си отиде Мојсеј од фараонот. Тогаш слугите му рекоа на фараонот: „До кога овој ќе нѐ измачува? Пушти ги луѓето и нека Му извршат служба на Господ, нивниот Бог. Не гледаш ли дека Египет пропаѓа?“ И ги вратија Мојсеј и Арон пред фараонот, и им рече фараонот: „Одете, послужете Му на Господ, вашиот Бог. А кои се тие што ќе одат?“ Мојсеј одговори: „Ќе одиме и млади и стари, со синовите свои и со ќерките свои, со овците свои и воловите свои ќе одиме, зашто тоа ќе биде празник во чест на Господ“. И им рече фараонот: „Така нека биде; нека е Господ со вас. Ќе ве пуштам, но зошто со децата ваши? Ете, лоша замисла имате! Не така, туку одете само мажите и извршете Му служба на Господ, зашто тоа самите го баравте“. И ги истераа откај фараонот. Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Протегни ја раката своја над земјата египетска и ќе излезат скакулци по земјата египетска, и ќе ја изедат сета трева по земјата, и сѐ што останало неудрено од градот“.
И го крена Мојсеј стапот свој над египетската земја и наведе Господ источен ветар, кој дуваше цел ден и цела ноќ; а кога се раздени, источниот ветар довеа скакулци. И ги навеа нив над целата египетска земја, и нападнаа по сите краишта египетски во голем број: такви скакулци никогаш немало, ниту такви ќе има некогаш. И ја покрија површината на земјата, така што земјата не се гледаше, и ја изедоа сета трева на земјата и сиот род по дрвјата, неудрен од градот, а не остана ништо зелено ниту по дрвјата, ниту по тревата полска во целата египетска земја. Тогаш фараонот брзо ги повика Мојсеј и Арон и рече: „Згрешив пред Господ, вашиот Бог, и пред вас. Но уште овој пат простете ми го гревот мој, и помолете Му се на својот Господ Бог да ја отстрани од мене само оваа смрт“. И излезе Мојсеј откај фараонот и Му се помоли на Господ. И сврте Господ многу силен ветар од запад и тој ги крена скакулците и ги фрли во Црвеното Море; и не остана ниту еден скакулец во целата египетска земја. Но Господ го ожесточи срцето на фараонот и тој не ги пушти синовите на Израил.
Деветта казна: Невообичаена темнина
уредиИ Господ му рече на Мојсеј: „Крени ја сега раката своја кон небото, и ќе настане темнина по египетската земја, толку густа што не ќе може да се допира“. И Мојсеј ја подигна раката своја кон небото, и настана густа темнина по целата египетска земја, која потраја цели три дена. Луѓето не се гледаа еден со друг и никој не се поместуваше од местото свое три дена. Но по местата, каде што живееја синовите израилски, имаше виделина. Тогаш фараонот го повика Мојсеј, и му рече: „Одете, извршете Му служба на Господ; само овците ваши и воловите ваши нека останат, а децата ваши нека одат со вас“. Но Мојсеј рече: „Не, зашто ти треба да нѐ снабдиш со приноси и жртви сепаленици, што ќе ги принесеме на Господ, нашиот Бог. Затоа и добитокот наш нека оди со нас, да не остане ниту едно грло; зашто од него ќе земеме жртва за Господ, нашиот Бог; но додека не пристигнеме таму, не знаеме каква жртва ќе Му принесеме на Господ“. И Господ пак го отврдна срцето на фараонот и тој не сакаше да ги пушти. И фараонот му рече: „Истави се од пред мене, повеќе да не ми излегуваш пред очи! И оној ден кога ќе ми дојдеш пред очи, ќе загинеш“. А Мојсеј рече: „Како што рече, така и ќе биде; нема повеќе да ти го видам лицето“.
Десетта казна: Смрт на првородените
уредиПак му рече Господ на Мојсеј: „Уште едно зло ќе пратам над фараонот и над Египет, па тогаш ќе ве пушти оттука; и кога ќе ве пушти, просто ќе ве истера оттука. А сега кажи му на народот: секој човек нека побара од соседот свој и секоја жена од сосетката своја сребрени и златни предмети“. И даде Господ народот да најде благонаклоност кај Египќаните; а и самиот Мојсеј беше многу голем човек во египетската земја, во очите на слугите фараонови и пред народот. И рече Мојсеј: „Вака вели Господ: 'На полноќ ќе поминам низ Египет, и ќе умре секој првороден во земјата египетска, од првородениот син фараонов, кој треба да седне на престолот негов, до првородениот син на слугинката, која се наоѓа во воденицата, и првородениот добиток. И ќе настане голем пискот по целата египетска земја, каков што досега немало, ниту некогаш ќе го има. А кај синовите на Израил нигде нема ни куче да залае со својот јазик, ниту против човек, ниту против животно, за да се види каква разлика прави Господ меѓу Израилците и Египќаните.‘ Па ќе дојдат сите тие слуги твои кај мене, и ќе ми се поклонат, велејќи: ‚Оди си и ти и целиот твој народ, што го водиш со тебе.‘ И тогаш ќе излезам.“ И си излезе Мојсеј разгневен. А Господ му рече на Мојсеј: „Нема да ве послуша фараонот, за да се умножат чудата Мои во земјата египетска“. Мојсеј и Арон ги направија сите овие чуда пред фараонот, но Господ му го ожесточи срцето на фараонот, и тој не ги пушти синовите израилски од својата земја.
Наводи
уреди- ↑ „Did the 10 Plagues of Egypt Really Happen? Here Are 3 Theories“. TIME (англиски). 2019-04-18. Посетено на 2024-03-24.
- ↑ Denova, Rebecca. „Ten Plagues of Egypt“. World History Encyclopedia (англиски). Посетено на 2024-03-24.
Надворешни врски
уреди„Десет казни египетски“ на Ризницата ? |