Депозитарна потврда

Депозитарна потврда (англиски: Depositary Receipt) — финансиски инструмент кој им овозможува на странските претпријатија посредно да издадат акции на домашниот пазар на капитал. Всушност, со оваа потврда се создаваат „привидни“ акции кои имаат покритие во акциите на претпријатието кое ја издава депозитарната потврда. Притоа, претпријатието ги остава своите акции на чување во некоја банка (депозитарна банка), која ја издава депозитарната потврда, а потоа со неа се тргува на берзите или на шалтерските пазари. На тој начин, посредно, всушност се тргува со оригиналните акции на претпријатието. Најпознати облици на ваквите потврди се американската депозитарна потврда (American Depository Receipt, ADR) со која странските фирми издаваат акции на американскиот пазар, како и глобалната депозитарна потврда (Global Depository Receipt, GDR) со која фирмата обезбедува истовремена котација на нејзините акции на две или повеќе берзи во различни земји.

Американски депозитарни потврди уреди

Американските депозитарни потврди претствауваат механизам кој им овозможува на странските фирми да приберат капитал преку издавање акции во САД или нивните акции да котираат на американските берзи или на шалтерските пазари. Оттука, за американските инвеститори, тргувањето со американските потврди е сосема исто како да тргуваат со акциите на претпријатијата кои ги издаваат. Цената на американската депозитарна потврда се изразува во долари и таа постојано се приспособува во однос на промените на девизниот курс. Исто така, цената на американската депозитарна потврда се движи многу блиску до цената на оригиналните акции на кои гласи таа, т.е. разликата меѓу цената на поттврдата и цената на акциите ретко надминува 1 %. Купувачите на депозитарната потврда го задржуваат правото на глас кое го носат акциите што служат како поткрепа на потврдата. Со други зборови, ако инвеститорот поседува потврда која гласи на 100 акции од некое претпријатие, тогаш тој има право на глас на акционерското собрание. Во јуни 2008 година, на Њујоршката берза котирале 418 амрикански депозитарни потврди од 45 земји.[1]

Депозитарните потврди ги издаваат познатите странски мултинационални претпријатија, како: Сони, Хонда, Тојота, Дојче телеком, АБН Амро итн., а нив ги создаваат големите банки, како Citicorp или Bank of America. Постојат три нивоа на американски депозитарни потврди:[2]

  • АДР од ниво 1: со овие потврди се тргува само на шалтерските пазари, а нивните цени се објавуваат на електронските платформи од типот на OTC Buletin Board со кој раководи НАСДАК; за издавање на овие потврди претпријатијата треба да исполнат само минимални критериуми - да се регистрираат кај Комисијата за хартии од вредност и да поднесат соодветни документи.
  • АДР од ниво 2: со овие потврди се тргува на берзите, но со нив не се обезбедува нов капитал; за нивното издавање, покрај условите од нивото 1, претпријатието има обврска да ги достасува годишните финансиски извештаи.
  • АДР од ниво 3: за издавање на овие потврди треба да се исполнат најстроги критериуми, зашто тие котираат на берзите и со нив може да се обезбеди свеж капитал.

Меѓутоа, во 2002 година со т. н. Сарбјенс-Окслиев закон (Sarbanes-Oxley Act) биле поставени дополнителни, поостри критериуми за АДР од првото и второто ниво, со што значително се намалила нивната привлечност.

Наводи уреди

  1. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 402.
  2. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 271.