Вјенцеслав Новак
Вјенцеслав Новак (хрватски: Vjencelsav Novak; Сењ, 1 септември 1859 — Загреб, 20 септември 1905) — хрватски писател.
Животопис
уредиВјенцеслав Новак е роден на 1 септември 1859 година во Сењ. Во родното место завршил основно училиште и два класа гимназија, а гимназиското образование го довршил во Госпиќ, додека во Загреб завршил учителска школа. Пет години работел како учител во родното место, а во 1884 година се запишал на музичкиот конзерваториум во Прага. Во 1897 година се вработил како наставник по музика на учителската школа во Загреб, каде што останал сè до смртта. Умрел на 20 септември 1905 година како последица на долгогодишното боледување од туберкулоза.[1]
Творештво
уредиНовак е автор на поголем број раскази, романи, статии, учебници по музика итн. На тој начин, покрај Ксавер Ѓалски, тој е најплодниот писател во хрватскиот реализам. Првата стихотворба, „На Лавослав Вукелиќ“, ја објавил на 15-годишна возраст, во 1874 година во списанието „Вијенац“. Во 1881 година, во Сењ, го објавил првиот расказ, „Маца“ (како посебна книга) со тема од босанскиот живот. Потоа започнува неговиот плоден период, кога соработувал со списанијата „Вијенац“, „Просвјета“, „Балкан“, „Нада“ и „Хрватска вила“. Покрај шеесетината раскази и кратки прозни творби, Новак напишал и неколку романи: „Павло Шегота“ (1888), „Под Нехај“ (1892), „Никола Баретиќ“ (1896), „Последните Стипанчиќи“ (1899), „Два света“ (1901), „Препреки“ (1906), и „Тито Дорчиќ“ (1906). Овие книги, заедно со четирите обемни збирки раскази под наслов „Одбрани раскази“ се објавени по неговата смрт во издание на Матица Хрватска. За време на неговиот живот, како одделни книги се објавени само „Маца“ и „Мајсторот Адам“. Целокупните дела на Новак во дванаесет книги биле објавени во 1931-1933, како издание на загребската издавачка куќа „Минерва“, а во редакција на д-р Славко Јежиќ.[2]
Најчестите теми во творештвото на Новак се таканаречените „мали луѓе“: сиромашните интелектуалци, службениците, ситните трговци, просјаците и пристанишните работници. На почетокот од кариерата ги опишувал луѓето од сењската област и од Подгорјето, но подоцна навлегол подлабоко во животот на граѓанскиот свет, пролетеријатот, учениците и бездомниците. Во тој поглед, особено се истакнува неговиот циклус раскази за животот на сиромашните и просјаците. Во последните години од животот, во своите раскази и кратки описи пишувал само за човечките типови кои знаат само за страдање и кои со резигнација ја поднесувата неправдата, не знаејќи да се бранат и да се борат. Некои од неговите дела (романите „Последните Стипанчиќи“, „Препреки“ и „Под Нехај“, како и некои раскази) влегуваат во редот на најдобрите остварувања во хрватскиот реализам, иако во нив се присутни и идеалистички погледи, назадни сфаќања, натурализам и верски погледи. Сепак, во неговото творештво се среќава и остра општествена критика, а некои негови дела имаат и значајна естетска вредност.[3]
Наводи
уреди- ↑ „Вјенцеслав Новак“ во: Вјенцеслав Новак, Ненаситност и сиромаштија (расказ). Скопје: „Кочо Рацин“, 1951, стр. 5.
- ↑ „Вјенцеслав Новак“ во: Вјенцеслав Новак, Ненаситност и сиромаштија (расказ). Скопје: „Кочо Рацин“, 1951, стр. 5-6.
- ↑ „Вјенцеслав Новак“ во: Вјенцеслав Новак, Ненаситност и сиромаштија (расказ). Скопје: „Кочо Рацин“, 1951, стр. 6-7.