Втора Мисија за верификација на Ангола на Обединетите нации

Втората Мисија за верификација на Ангола на Обединетите нации (UNAVEM-II), е основана во мај 1991 година и траела до февруари 1995 година, а била втората мировна мисија на Обединетите нации, од вкупно четири, распоредена во Ангола време на Граѓанската војна во Ангола, најдолгата војна во модерната африканска историја. Поточно, мисијата била основана за надгледување и одржување на мултилатералниот прекин на огнот од 1990 година и последователните „Bicesse“ спогодби во 1991 година, со кои е воведен изборен процес за прв пат, вклучително и за двете сопернички фракции на граѓанската војна, Народното движење за ослободување на Ангола (МПЛА), де факто владата на Ангола, со контрола над Луанда и поголемиот дел од земјата уште од независноста во 1975 година, и Националната унија за целосна независност на Ангола (УНИТА).

Мапа на Ангола.

Првичниот мандат на мисијата бил утврден со Резолуцијата 696 на Советот за безбедност на Обединетите нации (1991), донесен на 30 мај 1991 година. Наведениот мандат морал:

да ги потврди подготовките договорени од страна на анголските страни за набудување на примирјето и да ја набљудува анголската полиција за време на прекинот на огнот.

Последователната Резолуција 747, донесена на 24 март 1992 година, го изменила мандатот за вклучување на изборните надзорни задачи. За време на ново договорените избори во земјата, биле ангажирани 400 изборни набудувачи на ООН, заедно со остатокот од мисијата, со дополнителен мандат „набудување и верификација на претседателските и законодавните избори во Ангола“. По серијата резолуции на Советот за безбедност во 1993 година, мандатот повторно бил променет за да се охрабри построго придржување кон примирјето и од страна на владата на Ангола и УНИТА, по продолжувањето на насилствата. Конечно, кон крајот на 1994 година, со Резолуциите на Советот за безбедност 952 (1994) и 966 (1994), UNAVEM-II започнала со набљудување и верификација на Протоколот од Лусака од 20 ноември 1994 година. Започнале подготовките за да се направи место за следната], Трета Мисија за верификација на Ангола на Обединетите нации (UNAVEM-III), формирана во пресрет на Протоколот од Лусака.

Мисијата се состоела од воени набудувачи, цивилна полиција, набудувачи на избори, болничари и локален и меѓународен персонал. Персоналот доаѓал од 25 земји на пет континенти. За време на раните избори имало максимално распоредување од над 1,100 луѓе, како и минимално од под 200 луѓе по јуни 1993 година. Мисијата претрпела вкупно 5 смртни случаи, 3 воени и 2 цивили.

Заднина

уреди

Скоро по независноста на Ангола од Португалија во 1975 година, лажната коалициска влада се вовлекла во граѓанска војна. МПЛП, со поддршка на кубанските трупи, како и поддршка од Советскиот Сојуз и другите комунистички партии, брзо ја добила контролата врз Луанда и владата, а УНИТА, сојузничка на племенскиот Национален ослободителен фронт на Ангола (ФНЛА) била ограничена во внатрешноста на земјата. Првата Мисија за верификација на Ангола на Обединетите нации (UNAVEM-I) го надгледувала договореното повлекување на Куба во 1988 година. Истата година, јужноафриканските трупи кои ја поддржувале УНИТА се повлекле до 1990 година, а воените сили, придружувани од уште осумнаесет други африкански нации, се согласиле на прекин на огнот. Во средината на 1991 година, Советот за безбедност на ООН одобрил распоредување на УНАВЕМ-II за наследник на УНАВЕМ-I и следење на новиот договор за прекин на огнот. Спогодбата Bicesse во 1991 година воспоставила демократски изборен систем за Ангола, под надзор на УНАВЕМ-II. По повикот за вооружување од незадоволниот претседателски кандидат на УНИТА од 1992 година, Јонас Савимби, насилството продолжило сè до Протоколот од Лусака во 1994 година.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди
  • UNAVEM-II
  • Manuel J. Paulo (2004). „The role of the United Nations in the Angolan peace process“. Accord. Архивирано од изворникот на April 8, 2005. Посетено на 2006-01-10.
  • Целосен текст на Bicesse Accords