Во расположение за љубов (филм)
„Во расположение за љубов“ (англиски: In the mood for love) или „Цветни години“ (кинески: 花樣年華, Fa yeung nin wah) е хонгконшки (кинески) филм од 2000 година, во режија на Кар-вај Вонг, кој е автор и на сценариото. Главните улоги во филмот ги играат: Тони Лианг и Меги Чунг. Филмот освоил две награди на Канскиот филмски фестивал, една Европска филмска награда, а вкупно освоил 45 награди.[1]
Содржина
уредиДејствието на филмот се одвива во Хонконг во 1962 година. Госпоѓата Чен, која работи како секретарка во една фирма (ја игра Ченг) и новинарот Чоу (го игра Лунг) се соседи. Нивните брачни другари често се отсутни така што Чен и Чоу живеат осамено. Еднаш, тие се запознаваат при што заклучуваат дека нивните брачни партнери се љубовници. Така, тие почнуваат да се прашуваат како се случило тоа при што нивните односи стануваат сè поблиски. Иако нивната врска е платонска, соседите почнуваат да ѝ забележуваат на Чен за честите средби со Чоу. Поради тоа, тој изнајмува хотелска соба и нивните средби продолжуваат да се одвиваат таму. Чен му помага на Чоу во пишувањето на текстови. Чоу мора да се пресели на ново работно место во Сингапур и ја кани Чен да му се придружи. Тој ја чека пред хотелот, но таа задоцнува и така тој заминува самиот. Сепак, една година подоцна, Чен го посетува во неговиот стан во Сингапур, но не му се јавува. Три години подоцна, Чен се враќа во станот во кој живеела. И Чоу, исто така, го посетува својот поранешен стан и се распрашува за Чен, но не знае дека таа живее во соседниот стан. Филмот завршува со сцената во која Чоу оди во Кампучија, каде својата тајна ја шепнува во дупка на ѕидот од еден храм и потоа ја запечатува.[2]