Владимир Кецмановиќ
Владимир Кецмановиќ (српски: Vladimir Kecmanović; 1972, Сараево, СФР Југославија) — српски писател.
Животопис
уредиВладимир Кецмановиќ е роден во Сараево, во 1972 година. Во родниот град ги завршил основното и средното училиште. Во 1997 година дипломирал на Филолошкиот факултет во Белград, на отсекот за општа книжевност со теорија на книжевноста. Кецмановиќ живее и работи во Белград, како сопственик и уредник на издавачката куќа „VIA“ и како колумнист во весникот „Политика“. Исто така, повремено пишува за повеќе медиуми во Србија и во странство.[1]
Творештво
уредиКецмановиќ се појавил на книжевната сцена во 1990 година, кога за расказот Хистерија“ ја добил наградата „Иво Андриќ“ на конкурсот објавен во весникот Oslobođenje. Во 1999 година го објавил романот „Последната шанса“ (Последња шанса), а две години подоцна се појавил романот „Содржината на шуплината“ (Садржај шупљине). Тој составил избор на делата на Душан Радовиќ и на Душан Петричиќ, како дел од книгата „Душковата куќа“ (Duškova kuća) која во 2004 година, на Белградскиот саем на книгата била прогласена за книга на годината. Во 2007 година го објавил романот „Феликс“, кој влегол во најтесниот избор за НИН-овата награда за роман на годината и ја освоил наградата „Бранко Ќопиќ“ на Српската академија на науките уметностите. Во 2008 година постигнал голем успех со романот „Топот беше жежок“ (Топ је био врео) за чиј нацрт ја добил стипендијата на Фондацијата „Борислав Пекиќ“ за роман во создавање. Исто така, романот влегол во најтесниот избор за НИН-овата награда и ја добил наградата „Меша Селимовиќ“, а според него бил снимен истоимениот филм. Во 2011 година го објавил романот „Сибир“, а во 2012 година збирката раскази „Ѕидовите што се уриваат“ (Зидови који се руше). Истата година, заедно со историчарот Предраг Марковиќ, ја објавил книгата „Тито, поговор“. Неговите дела се преведени на англиски, француски, германски, украински и романски јазик. Кецмановиќ е член на групата „П 70“ и на Српското книжевно друштво.[1]
Според оцената на Миљенко Јерговиќ, Кецмановиќ „во својот потенцијал е навистина голем писател, еден од оние по кои би можела да се памети српската книжевност од првата половина на овој век“, а Бојан Босиљчиќ делото на Кецмановиќ од почетокот на XXI век го споредува со она на Црњански од првата половина на XX век.[2]