Википедија:Избрана статија/2023/40
Вирус — подмикроскопска честичка која не е способна да расте и да се размножува надвор од клетка домаќин. Вирусите можат да ги инфицираат сите животни форми, од животни и растенија до микроорганизми, вклучувајќи ги бактериите и археите.
Од времето на објавувањето на научниот труд на Дмитриј Ивановски во 1892 година, во кој за првпат е опишан не-бактериски патоген кој го инфицира тутунот, и откривањето на вирусот на мозаичната болест на тутунот од Мартинус Бејеринк во 1898 година, околу 5.000 вирусни видови се детално опишани, иако постојат милиони типови. Вирусите се наоѓаат речиси во секој екосистем на Земјата и се најзастапениот биолошки ентитет. Науката за вируси е позната како вирологија и претставува субспецијалност на микробиологијата.
Додека не инфицираат одредена клетка, вирусите постојат во форма на независни честички. Овие вирални честички, познати и како вириони, се состојат од два или три дела: (1) генетски материјал составен од ДНК или РНК; (2) заштитна белковинска (протеинска) обвивка наречена капсид, која го опкружува и заштитува генетскиот материјал; а во одредени случаи (3) обвивка од липиди која го опкружува белковинскиот слој. Формите на вирусните честички варираат од едноставни, спирални или икосаедрични форми, до мошне комплексни структури. Повеќето вирусни видови имаат вириони кои се премногу мали за да можат да се видат со оптички микроскоп. Просечната големина на еден вирион е околу една стотина од големината на просечната бактерија.
Потеклото на вирусите во еволуционата историја на животот на Земјата се нејасни: некои вируси можеби еволуирале од плазмиди (ДНК сегменти кои можат да се разменуваат помеѓу клетки), додека други можеби еволуирале од бактерии, со упростување на нивната структура. Во еволуцијата, вирусите се значаен посредник во хоризонталниот пренос на гени, процес кој ја зголемува генетската разновидност кај организмите. Некои автори вирусите ги сметаат за форма на живот, бидејќи тие носат генетски материјал, се репродуцираат и еволуираат по пат на природна селекција. Други, пак, не ги сметаат за форма на живот, бидејќи кај нив недостасуваат клучни одлики, како што е клеточната структура, кои се сметаат за основни обележја на животот. Бидејќи тие поседуваат неколку, но не сите, квалитети на жива материја, вирусите се опишани како „организми на работ на животот“. (Дознајте повеќе...)