Википедија:Избрана статија/2018/46
ФК Вердер Бремен — германски фудбалски клуб од градот Бремен во северозападната германска покраина Слободниот Ханзански Град Бремен. Клубот во моментов се натпреварува во Првата Бундеслига, највисокото ниво на германскиот фудбал.
Вердер Бремен бил основан во 1899 година. Клубот е четирикратен шампион на Германија (1964–1965, 1987–1988, 1992–1993, 2003–2004) и шесткратен победник на Купот на Германија (1960–1961, 1990–1991, 1993–1994, 1998–1999, 2003–2004, 2008–2009). Покрај тоа Вердер има освоено и еден Лига куп на Германија (2006) и 3 Суперкупа (1988, 1993, 1994). Освен на домашната тие можат да се пофалат и со успеси на меѓународната фудбалска сцена каде тримуфирале во Купот на победниците на куповите (1991-1992) и Интертото купот (1998). Исто така тие играле и во финалето на Купот на УЕФА во сезоната 2008-2009, во кое биле поразени од украинскиот Шахтар Донецк по продолженија со 2-1. Од формирањето на Бундеслигата во 1963 година, клубот ги поминал сите сезони во Првата Бундеслига со исклучок на сезоната 1980-1981, кога завршиле како први во Втората Бундеслига и експресно се вратиле во елитната дивизија на Германија.
Своите домашни натпревари Вердер ги игра на стадионот Везер уште од 1924 година. Традиционалните бои на клубот се зелената и белата, па најчесто играат во зелени дресови и бели шорцеви. Најголемиот соперник на Вердер му е Хамбургер, со кого играат таканаречено Норддерби (превод на мак. Северно дерби). Досега во клупската историја Вердер Бремен променил 4 амблема. Моменталниот амблем на клубот бил создаден уште од далечната 1929 година и истиот е составен од дијамант во зелена боја, со граница во бела боја, а во внатрешноста се наоѓа буквата W исто така во бела боја. (Дознајте повеќе...)