Википедија:Избрана статија/2014/23
Крв (латински: Sanguis) — течно сврзно ткиво кое се среќава кај сите ‘рбетници и некои без‘рбетни животни. Таа циркулира низ крвните садови и нејзина најзначајна улога е транспортната - хранливи материи, екскрети, кислород и јаглерод диоксид од и до клетките. Меѓутоа, за разлика од останатите сврзни ткива, во крвта нема нишковидни творби, односно фибрили — колаген или еластични влакна. Крвта во крвните садови се наоѓа во течна состојба. Надвор од крвните садови таа се засирува (коагулира). Доколку на крвта и додадеме определена количина на некоја антикоагулантна материја до засирување нема да дојде. Ако ваква крв оставиме да стои извесно време или ако веднаш ја центрифугираме ќе забележиме дека дошло до издвојување на два сосема различни слоја. Горниот слој е проѕирен безбоен или лесно жолтеникав тоа е крвната плазма. Долниот непроѕирен слој го сочинуваат оформени елементи: еритроцити (црвени крвни клетки), леукоцити (бели крвни клетки) и тромбоцити (крвни плочки). Во седиментот што го образуваат оформените елементи можат да се забележат два слоја. Горниот слој е сосема тенок има светложолтеникава боја, а потекнува од белите крвни клетки. Долниот слој, многу поголем и со изразено црвена боја кој го образуваат црвените крвни клетки. Ваков распоред на оформените елементи при седиментација или центрифугирање зависи од нивната специфична тежина. Еритроцитите имаат голема специфична тежина поради присуство на крвна боја-хемоглобин или железо што влегува во состав на неговата молекула. (Дознајте повеќе...)