Википедија:Избрана статија/2014/01
Дрезден (германски: Dresden; горнолужички: Drježdźany) — главен град на сојузната покраина Саксонија во Германија. Се наоѓа во долината на реката Елба, близу границата со Чешка. Пошироката област околу Дрезден е дел од метрополитенската област Саксонски Триаголник.
Има долга историја како главен град и резиденција на изборните кнезови и кралевите на Саксонија, кои се векови го дополнувале градот со културен и уметнички сјај. Градот бил познат како „кутија за накит“, бидејќи самиот центар на градот бил опсипан со зданија во барок и рококо. Контроверзното бомбардирање на Дрезден во Втората светска војна при крајот на Втората светска војна убило илјадници цивили и целосно го уништило центарот на градот. Ударот на бомбардирањето и 40 години урбан развој на градот во текот на комунистичката ера во Источна Германија, значајно го изменило лицето на градот. Некои реставрациски работи помогнале да се обноват одредени делови на историскиот стар дел на градот, вклучувајќи ги Хофкирхе, Земперовата опера и Богородичната црква. По обединувањето на Германија во 1990, Дрезден повратил одредена важност како еден од културните, образовните, политичките и економските центри на Германија.
Иако Дрезден е релативно нов град со словенско потекло, областа била населена уште во неолитот од одредени племиња околу 7500 п.н.е. Основањето на Дрезден и раниот развој е поврзуван со источното ширење на Германите, рударството во блиските Рудни Планини и основањето на Грофовија Мајсен. Неговото име етимолошки е изведено од старолужичкиот збор Drežďany, што значи „шумарци, шумски народ“. Подоцна, Дрезден прераснал во главен град на Саксонија. На денешен горнолужички, градот се нарекува „Дрјежѓани“. (Дознајте повеќе...)