Википедија:Избрана статија/2013/42
Сколовранец (поточно „обичен сколовранец“, науч. Sturnus vulgaris) — средноголема врапчевидна птица од фамилијата на сколовранците (Sturnidae). Долга е околу 20 см со сјајно црно перје кое во некои периоди на годината е испрскано со бели точки. Нозете ѝ се розови, а клунот лете е жолт, а зиме црн. Природното живеалиште ѝ е умерена Европа, вклучувајќи ја и Македонија и западна Азија, но е населена ширум светот - во Австралија, Нов Зеланд, Северна Америка, Јужна Африка и на други места. Во јужна и западна Европа, како и во западна Азија, таа е постојан жител, а од посеверните краишта мигрира понајуг, на Пиринејскиот Полуостров и северна Африка.
Има распон на крилјата 31-44 см и тежина од 58 до 101 гр. Пердувите се иридесцентно црни, со зелен или виолетов сјај испрскани со бели точки особено зимно време. Долните делови на мажјакот се помалку точкави од оние на женките. Пердувите не вратот кај мажјаците се долги и пошироки и ги користи при прикажување кога се додворува, а кај женката тие се помали и поостри.
Сколовранците се чуваат како миленичиња и како лабораториски животни. Лесно се адаптираат во заробеништво, а проблем е нередот што го прават, како и болестите кои може да ги пренесат на луѓето. Одамна е позната способноста на оваа птица да ги имитира звуците, на другите птици, но и останатите звуци, што е привлечно за луѓето.
В.А. Моцарт имал милениче сколовранец кој можел да испее дел од неговиот Концерт за пијано бр. 17. Тој го купил во продавница откако го слушнал како пее една фраза што ја напишал шест недели претходно, која сè уште не била изведена во јавност. Тој станал многу приврзан со птицата и подготвил специјален погреб по три години кога починала. Се смета дека неговата „Музичка шега“ (К. 522) се заснова на стилот на вокализација на оваа птица. (Дознајте повеќе...)