Википедија:Избрана статија/2013/30
Марк Сајмон Кевендиш MBE (роден на 21 мај 1985) е мански професионален друмски велосипедист, кој вози за UCI World Tour екипата Судал Квик-Степ. Првично започнал како велодромски велосипедист, специјализирајќи се во дисциплините медисон, бодовна трка и скреч, а од 2006 се префрлил во друмскиот велосипедизам, истакнувајќи се како спринтер.
Во велодромскиот велосипедизам, Кевендиш освоил злато во медисон на Светските првенства во 2005 и 2008, заедно со Роб Хејлс и Бредли Вигинс соодветно и во трката во скреч на Комонвелтските игри 2006, возејќи за Ман.
Како друмски велосипедист постигнал единаесет победи во неговата прва професионална сезона, изедначувајќи го рекордот на Алесандро Петаки. Кевендиш освоил вкупни 23 етапи на Тур де Франс, со што станал четврти по бројот на освоени етапи на сите времиња и деветти по бројот на освоени Гранд Тур етапи на сите времиња со 36 победи. Победил на друмската трка на Светските друмски првенства UCI 2011, станувајќи вториот британски возач кој успеал во тоа по Том Симпсон. Други поголеми победи му се освојувањето на класикот Милано-Сан Ремо 2009 и бодовниот пласман на сите три големи трки: Вуелта а Еспања 2010, Тур де Франс 2011 и Џиро д’Италија 2013. Во 2012 станал првиот велосипедист кој победувал пет години по ред на последната етапа на Тур де Франс на Шанзелизе.
Кевендиш ја добил титулата MBE во 2011 за заслугите во британскиот велосипедизам. Ја освоил наградата за спортист на годината од ББС во 2011 и во 2012 бил именуван како најдобар спринтер на Тур де Франс на сите времиња од францускиот весник L'Equipe. (Дознајте повеќе...)