Википедија:Избрана статија/2010/32
Суматранскиот носорог (латински: Dicerorhinus sumatrensis) е член на фамилијата Носорози и е еден од петте преживеани видови на носорози. Овој вид е најмалиот носорог со висина на рамениците од 120 до 140 сантиметри, должина од 250 сантиметри и тежина од 500 до 800 килограми. Како и африканските видови на носорози, така и овој вид има два рога. Предниот рог е поголем и најчесто е со должина од 15 до 25 сантиметри, додека другиот рог претставува само никулец. Телото на овој носорог е прекриено со црвенкасто-кафеаво крзно.
Единките од овој вид во минатото биле распространети во мочуриштата, дождовните и облачните шуми во Индија, Бутан, Бангладеш, Мјанмар, Лаос, Тајланд, Малезија, Индонезија и Кина (во југозападниот дел од Кина, поточно во Сечуан). Овие животни се критично загрозени бидејќи има само шест значајни популации во дивината: четири во Суматра, една во Борнео и една на Малајскиот Полуостров. Многу е тешко да се процени нивната точна бројка бидејќи Суматранскиот носорог е самотно животно кое се движи на големи пространства. Сепак според некои проценки, бројката се движи околу 300 единки. Намалување на популациите најмногу се должи на ловокрадството, бидејќи нивните рогови се доста ценети во традиционалната кинеска медицина. На црниот пазар достигнуваат цена од 30.000 американски долари за еден килограм коска. Закана претставува и загубата на природното живеалиште, односно унишување на шумите за содавање земјоделски површини. (Дознајте повеќе...)