Википедија:Избрана статија/2010/19
Турската кујна има долга историја и во голема мера претставува наследство од отоманската кујна, која што може да биде опишана како соединување и прочистување на централно-азиските, блискоисточните, средоземните и балканските кујни.Турската кујна имала влијание на овие кујни, но и на другите соседни, вклучувајќи ги и оние од западна Европа. Турците негувале различни и создале специјалтети, кои денес се познати во различни делови од светот.
Турската кујна не е едноставна. Освен главните специјалитет, кои може да се најдат низ цела Турција, постојат и бројни регионални специјалитети. Кујната на регионот покрај Црното Море се одликува со готвење со употреба на пченка и сардели. Во југоисточниот дел од земјата, вклучувајќи ги градовите Урфа, Газиантеп и Адана, карактеристични специјалитети се ќебапите, мезињата и десерти зготвени со тесто, како што се баклавата, кадаифот и кунефето. Во западните делови на Турција, каде што обилно растат маслинови дрвја, маслиновото масло е главен вид на масло, кој се употребува при готвењето. Кујните пак на егејските, мраморните и средоземните подрачја покажуваат основни одлики на средоземната кујна, поради тоа што специјалитетите од овие региони се богати со зеленчук и риба. Во средишниот дел на земјата, особено во Анадолија, познати се специјалитети подготвени од тестенини, како што се кешкеќот, мантите и ѓомлезето. (Дознајте повеќе...)