Википедија:Избрана статија/2008/50
Нилскиот коњ (лат. Hippopotamus amphibius) од грчкиот збор ἱπποπόταμος (хипопотамос, ιππος хипос што значи „коњ“ и πόταμος потамус што значи „река“), е голем, претежно тревојаден африкански цицач, еден од двата преживеани видови од фамилијата Нилски коњи (другиот преживеан вид е пигмејскиот нилски коњ). Тој е најтешкиот претставник од парнокопитните животни.
Нилскиот коњ е полуводно животно, кое живее во реките и езерата на потсахарска Африка во групи од 5 до 30 нилски коњи. Преку денот ја одржува температурата седејќи во вода или во кал. Парењето и породувањето се одвиваат во вода. Во квечерината излегуваат од вода за да се хранат. Додека се во вода, нилските коњи седат во групи (и до 40 индивидуи), а пасењето е самотна активност.
И покрај нивната физичка сличност со свињите, нивните најблиски роднини сепак се животните од фамилијата Китовидни (китови, делфини...). Заедничкиот предок на нилскиот коњ и китот се одвоил од останатите копитари пред околу 60 милиони години. Најстарите пронајдени фосили кои спаѓаат во родот Кенијапотам датираат од пред 16 милиони години.
Нилскиот коњ е лесно препознатлив по телото со облик на буре, огромната уста и заби, кратките набиени нозе и кожата без крзно. По големина е сличен на белиот носорог, само слонот е многу поголем од него. И покрај големината, нилските коњи се доста подвижни. На кратки растојанија можат да трчаат и 48 км/ч, што е побрзо од олимписки спринтер. Ова животно е едно од најагресивните животни во Африка. Денес се смета дека има помеѓу 125.000 и 150.000 нилски коњи во потсахарска Африка, од кои 40.000 во Замбија и Танзанија, со најголема популација од 20.000 до 30.000 индивидуи. Овој вид сè уште е загрозен од ловокрадството поради нивното месо и забите, како и од уништувањето на нивното природно живеалиште. (повеќе...)