Википедија:Избрана статија/2008/08
Струмица е град во југоисточниот дел на Република Македонија и со своите 35 311 жители претставува најголем културен, трговски и политички центар во овој регион.
Струмичкиот крај бил густо населен уште во античко време, а доказ за тоа е и постоењето на неолитската населба “Страната“ кај селото Ангелци. Под името Астрајон, градот за првпат во пишаните извори се среќава кај римскиот историчар Тит Ливиј. Кога во 148 година п.н.е. Македонија станува римска провинција, градот го менува своето име во Тивериопол, за што ни сведочи мермерниот постамент, посветен на патронот Тибериј Клавдиј Менон, од крајот на 2 век и почетокот на 3 век.
Во првата половина на 6 век, по долините на реките Струма и Струмица се населиле Струмјаните, племе кое го добило своето име по реката Стримон, која тие ја преименувале во Струма. Склавинијата на Струмјаните егзистирала како независно словенско кнежевство извесен период, додека не биде завладеана од Византија. Во османлискиот период во турската администрација била нарекувана Уструмџе. Таа била приклучена кон Ќустендилскиот санџак и во неа е воспоставен спахиско-тимарски систем.