Вера Кличкова

македонски етнолог, музеолог и фолклорист

Вера Кличкова (Скопје, 24 април 1911етнолог, музеолог и фолклорист. Поранешна директорка на Етнолошкиот музеј на Македонија.[1]

Вера Кличкова
Роден 24 април 1911
Скопје, Косовски Вилает, Османлиска Империја
Починал 25 мај 1998(1998-05-25) (возр. 87)

Животопис и образование

уреди

Кличкова е родена во Скопје во угледно занаетчиско семејство. По завршување на основно и средно образование, се запишала на Филозофскиот факултет во Скопје. За време на студиите била ангажирана како демонстратор во тогашниот Етнографски семинар од страна на професорот д-р Миленко Филиповиќ.[1]

Кариера

уреди

Првото вработување на Кличкова било во велешката гимназија во 1936 година, кога била назначена како библиотекарка. Во 1940 година била назначена за суплент во истата гимназија. Во 1942 била вработена како библиотекарка во Градската општина во Скопје, каде работела до 1944 година, односно до нејзиното приклучување во редовите на НОВ. По демобилизирањето во 1945 година, таа била назначена да го води Етнолошкото одделение при Народниот музеј во Скопје. Во 1949 година била назначена за директор на Етнолошкиот музеј на Македонија.

За време на раководството со Етнолошкиот музеј, Кличкова достигнала бројни успеси и придонесла до значајни напредувања во организацијата и работата на музејот. Таа вработила млад кадар и се ангажирала за нивно остручување со цел тие да ги совладаат потребните теоретски знаења од областа на етнологија и музеологијата на Етнолошкиот факултет во Скопје. Во тој период била формирана препараторско-конзерваторска лабораторија со работилница. Исто така била воведена влезна и инвентарна книга за евидентирање на целокупниот етнолошки и музејски материјал, како и формирана стручна картотека во која се внесувале основните податоци за секој обработен предмет. Во музејот било формирно и ликовно-илустративно одделение каде што се вршело ликовен опис на предметите за стручната картотека, се подготвувал илустративен материјал за музејските изданија и се изработувале цртежи и фотографии како дополнување на етнолошките изложби и др. Кличкова е дополнително заслужна за уредување на музејското депо, со што биле создадени услови за формирање на етнолошки збирки во кои сите материјал биле средени и систематизирани по теми и локалитети.[1]

Други активности

уреди

Покрај посветената работа во Музејот, Кличкова се залагала за ширење на музејската мрежа низ државата. За таа цел патувала во поголемите градови - Битола, Прилеп, Штип, Тетово - каде концепциски помогнала за формирање на музеи во истите градови. Таа паралелно се занимавала и со педагошка дејност, одржувајќи стручни предавања од областа на етнологијата и музеологијата. Дополнително, Кличкова се ангажирала за отворање спомен-кучи на познати преродбеници и активисти. Успеала да обезбеди средства и да ја уреди спомен-куќата на Ѓорѓија Пулевски во Галичник во 1949 година. Во соработка со вишиот кустос Милица Георгиева, во Тетово го уредила Меморијалниот музеј на Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија.[1]

Прибирање на етнолошки материјал

уреди

За Кличкова било од особена важност прибирањето на етнолошки предмети од сите области на народното живеење и културата. Таа постојано организирала и учествувала во теренски патувања за прибирање на етнолошки и друг вид на музејски материјал. На теренските патувања, таа целосно раководела со прибирачката и научно-истражувачката работа. Ваквиот начин на работа довело до создавање на богат музејски фонд кој до времето на нејзиното пензионирање броел над 15.000 музејски предмети. Покрај етнолошки, Кличкова собирала и фолклорен материјал. Таа има собрано 120 изворни народни песни кои се средени и дадени во Радио Скопје.[1]

Изложби

уреди

Кличкова евидентно се залагала за презентирање на етнолошкиот материјал на Музејот. За таа цел, уредила повеќе изложби со етнолошки теми и содржини, односно 20 тематски и 6 постојани изложби.

Тематски изложби

уреди

- Народната уметност во ФНРЈ, 1948 г. (Вера Кличкова била член на Организациониот одбор и учествувала во нејзиното уредување) - Уметничките занаети во Македонија и нивната примена денес, 1949 г. - Развој на куќата во Македонија, 1952 г. - Битола во 19 век (Народен музеј Битола), 1952 г. - Десетгодишна дејност на Етнолошкиот музеј, 1955 г. - Народни музички инструменти, 1959 г. - Народни уметнички изработки во Македонија, 1964 г. - Скопска Котлина-битови одлики, 1965 г. - Грнчарство во Македонија, 1975 г.

Постојани изложби

уреди

- „Народна носија“ - „Народно стопанство“ - „Поминок“ - „Народни ракотворби“ - „Амбиент од влашкото и турското малцинство“

Етнолошки филмови

уреди

Кличкова е прионер во областа на етнолошкиот филм во Македонија. Таа учествувала во снимањето на бројни етнолошки филмови со нејзин текст, сценарио и раководство.

- Велигденски обичаи во Порече, 1952/53 г. - Азот (предел од Велешко со зачуван бит), 1953/54 г. - Ѓурѓовденски обичаи во с. Булачани, Скопско, 1955 г. - Русалиски обичаи во Гевгелиско, 1956 г. - Рибарството во Катлановско Езеро, Скопско, 1962/63 г. - Мариовска свадба, 1964/66 г.

Избрани публикации

уреди

- Ѓурѓовденски обичаи во Скопско, Гласник Етнографског музеја у Београду, бр. 10, Београд, 1939 - Македонката во јуначката народна песна, Зборник Етнографског музеја 1901-1951, Београд, 1953, 287-292 - Народни везови, Југославија, посветен број за Македонија, Београд, 1952, 92-93 - Велигденски обичаи во Порече, Гласник на Музејско-конзерваторското друштво на НР Македонија, бр. 11, Скопје, 1957, 151-211 - Ќурчиско-кожуварскиот занает и еснаф во Скопје, Скопје, 1959 - Народни музички инструменти во Македонија, Зборник, Рад конгреса фолклориста Југославија у Зајечару и Неготину 1958, Београд, 1960, 225-240

Надворешни врски

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Муловска, Стојанка (2002). „Вера Кличкова In Memoriam“. Зборник Етнологија (2): 9–1. |access-date= бара |url= (help)