Будистички календар
Будистички календар – календар кој се користи во континентална Југоисточна Азија (Камбоџа, Лаос, Тајланд, Мјанмар), но исто така и на Шри Ланка, во неколку различни облици. Тој е месечево-сончев календар, со месеци со по 29 и 30 дена наизменично. Во правилни интервали се вметнуваат престапен ден и 30-дневен месец. Сите облици, освен модерниот, се засноваат на оригиналната Сурја сидханта од 3 век (што влијаело и на разни хиндуистички календари).
Со месечево-сончев интеркалацион систем генерално се додаваат седум дополнителни месеци (адхикамаса) на секои 19 години и 11 дополнителни денови (адхикавара) на секои 57 години, но ова е само приближен опис на конкретни пресметки. Просечната година има 365,25875 денови сметајќи од махајуга од 4.320.000, или поедноставно речено (после делење со 5400), 800 години имаат 292.207 дена. Таквата година е малку подолга од денешната ѕвездена година и значително подолга од денешната тропска година. Хиндуистичката верзија додава (или одзема) дополнителни месеци и денови штом тоа го покажат астрономските формули, додека верзиите од југоисточна Азија го одлагаат таквото додавање. Тајландско-лаоско-камбоџанската верзија не дозволува додатен ден во годините со додатен месец, додека бурманско-шриланкската верзија, напротив, дозволува додатен ден само во годините со додатен месец. Тоа значи дека постојат четири вида на месечево-сончеви години, од 354, 355, 384 и 385 дена.
Имињата на месеците главно се на санскрит:
- чајтра, вајшакха, џјештха, ашадха, шраван, бхадрапада,
- ашвина, картика, маргаширша, пауша, магха, пхалгуна.
Старите називи на месеците на бурмански јазик се:
- тагу, касон, најон, васо, вагаунг, тавтхалин,
- тадингјут, тарзаунгмон, натдав, пјадхо, табодве, табаунг.
Обичните години почнуваат во пролет, имаат месеци со наизменични 29 и 30 дена. Додатен ден му се додава на џјештха/најон, што го продолжува на 30 дена. Додатен месец се добива со удвојување на ашадха/васо. Секој месец има растечка половина од 15 дена (т.е. од млада до полна Месечина) и опаѓачка половина од 14 или 15 дена.
Редовна година | Престапна година | ||
---|---|---|---|
тагу | 29 dana | 29 дена | |
касон | 30 дена | 30 дена | |
најон | 29 дена | 30 дена | |
васо | 30 дена | прв васо | 30 дена |
втор васо | 30 дена | ||
вагаунг | 29 дена | 29 дена | |
тавгхалин | 30 дена | 30 дена | |
тадингјут | 29 дена | 29 дена | |
тарзаунгмон | 30 дена | 30 дена | |
натдав | 29 дена | 29 дена | |
пјадхо | 30 дена | 30 дена | |
табодве | 29 дена | 29 дена | |
табаунг | 30 дена | 30 дена | |
12 месеци | 354 дена | 13 месеци | 385 дена |
Касон, најон, првиот и вториот васо имаат по 30 дена, па се нарекуваат „четири еднакви последователни месеци“ во годините со додатен месец.
Нумерираните години коинцидираат со ѕвездената година која содржи 12 зодијакзодијачки знаци (раси), така што може да почне на кој било ден од 6 чајтра/тагу до 5 вајшакха/касон, што значи дека остатокот од месецот ќе биде во соседната година. Тоа значи дека во некоја нумерирана година може да недостасуваат некои денови од месецот, додека во соседната има иста низа датуми на својот почеток и крај.
Биле користени (или и сега се користат) четири ери:
- анчансакарат (од 10 март 690 пр.н.е./691. пр.н.е.), ретко се користи
- будасакарат (будистичка ера, 11 март 545. пр.н.е.. Вообичаена била разликата од 544 години со христијанскиот календар, но во Тајланд сега е 543 години, почнувајќи од април 1940 година, од кога тајландскиот сончев календар почнува на 1 јануари.
- махасакарат (17 март 78), што е исто како и сака ера во Индија, користена во Тајланд до средината на 13 век, стандардна во Камбоџа
- чуласакарат (22 март 638), усвоена во Тајланд во средината на 13 век, стандардна во Мјанмар.
Сите години се бројат како поминати (довршени, за разлика од јулијанските и грегоријанските кои се тековни), што значи дека почнуваат 0 година, а не со 1 година, бидејќи годината сè уште не истекла во текот на таа „прва“ година. Наведените епохални датуми се однесуваат само на 0 година – денешните денови на влез на Сонцето во првиот раси (почеток на ѕвездената година) се подоцни по грегоријанскиот календар заради прецесијата на еквиноксот. Пресметките не почнуваат со нула на почетокот на ерата – наместо тоа на сите пресметки мора да им се додаде надомест од извесен број цели и делови на денот, во траење од повеќе од една година. Со тоа се објаснуваат привидните недоследности во будасакарат.
Литература
уреди- J.C. (John Christopher) Eade. The calendrical systems of mainland south-east Asia. Leiden: E.J. Brill, 1995.
- ———. Southeast Asian ephemeris. Ithaca, NY: Cornell Southeast Asian Program, 1989.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди„Будистички календар“ на Ризницата ? |
- Thai Time by Anthony Diller Архивирано на 20 август 2008 г.
- Southeast Asian and Hindu calendar converters by Lars Gislén (and J.C. Eade)
- How Chula Sakarat Dates Work Архивирано на 21 декември 2007 г. in Thailand: article for stamp collectors recovered 2007 Dec 20