Босански стил во архитектурата
Босански стил во архитектурата — посебен архитектонски израз на почетокот на XX век, што еволуирал од традиционалната архитектура на виенската сецесија и свеста дека делото е создадено во Босна и Херцеговина.
Босанскиот стил може да се спореди со скандинавскиот национален романтизам.[1] Босанскиот стил бил претставен од помладата генерација архитекти, како што се чешкиот архитект Јосип Поспишил, словенечкиот архитект Рудолф Тонис и австрискиот архитект Ернст Лихтблау, кои сите студирале во Виена кај Карл фон Хазенауер и Ото Вагнер. Стилот го именувал постариот сараевски архитект Јосип Ванцаш, за кого работеле многу од овие помлади архитекти.[2]
Некои архитекти тврдат дека неговиот нагласок останал на исламската компонента на босанската народна архитектура, често со историски, а не со современи извори. Според тоа, преминот од маварската преродба во босанскиот стил била „замена на еден историски колаж со друг“, во кој панисламските мотиви биле заменети со панвернакуларни мотиви, двосмислено поврзувајќи ја отоманската архитектура со онаа сегашност и погрешно сугерирајќи мотиви на тезите дека тие се конкретно босански, додека ги има низ целиот османлиски Балкан. Затоа, босанскиот стил може „најдобро да се разбере како во рамките на традицијата на национал-романтизмот“, иако архитектите не биле од нацијата што сакале да ја претставуваат. Бидејќи продолжил да се сосредоточува на разликите од Западна и Средна Европа и не ги променил односите на моќта во однос на сценаристичките, империјални толкувања на месната архитектура, босанскиот стил не бил помалку ориенталистички од неомаварскиот стил.[2]
Развој на босанскиот стил
уредиЗа време на нивното владеење, австроунгарските власти се обиделе да наметнат и изградат архитектура во европски стил во Босна и Херцеговина и на тој начин да го покажат значењето на нивната мисија во заземената земја. Првично, тие понудиле историски стилови во кои се изградени најрепрезентативните градби од втората половина на 19 век во Виена. Во Босна премногу се градело во странски архитектонски стилови, пред сè во историцизам, а премалку се ценел, почитувал и користел народниот начин на градење.
Соочена со мултиетничката структура на населението во Босна и Херцеговина, владата сфатила дека е неопходно да се има политички слух при изборот на еден од историските стилови. За градба во области каде преовладувало бошњачкото население, архитектите користеле неомаварски стил. Со текот на времето, се покажало дека овој стил не одговара, како и другите, бидејќи не потекнува од развојот на архитектонската мисла и практика врз основа на самобитното архитектонско наследство.
На крајот на 19 и на почетокот на 20 век, меѓу архитектите и инженерите се појавило движење што тежнеело кон создавање на вистински босански стил.[3]
Виенскиот архитект Ернст Лихтблау, студент на Ото Вагнер, во 1904 година ја проучувал древната станбена архитектура низ Босна и Херцеговина, настојувајќи да создаде модерен стил заснован на овие самобитни облици. Неговата работа во Босна е еден пример за контактот на Вагнеровото училиште со архитектурата во Босна и Херцеговина.
Неговите цртежи биле објавени во 1907 година во списанието Der Architekt. На нив се прикажани групи стари куќи под тврдината во Јајце. Тој беше импресиониран од каскадните и кубестите облици на покривите, едноставните, но моќни облици на куќите, моделирани со светли и фини ѕидови од црна, бела и кафена боја. Благодарение на сецестичкото толкување на содржината, во нив старата архитектура на Босна ги покажува своите скриени и суптилни уметнички вредности, достигнувајќи ниво каде што се откриваат допирните точки со модерната архитектура.
Во втората група цртежи, Лихтблау се стреми да создаде куќи или згради за современи потреби, современи облици и градба. Некои цртежи покажуваат напор да се создаде типична куќа што ќе има облик на стара станбена архитектура, некои повторно претставуваат пример за репрезентативна куќа - вила за Босна - се разбира повторно проектирана според истото начело.[3]
Проектот за куќа во Босна настанал уште во 1904 година, така што тој датум може да се земе како почеток на развојот или потрагата по босанскиот стил.
Лихтблау оди чекор понатаму. Тој дизајнирал вила во Виена во полн босански стил, давајќи му на овој архитектонски израз европски и универзален легитимитет.[4]
Лихтбау го изработил проектот на Дирекцијата за државни шуми како модерна зграда со особености на централно развиена станбена зграда во Босна и Херцеговина.[5]
Јосип Ванцаш
уредиВо својата прва потрага по босанскиот стил, самиот Јосип Ванцаш проучувал стари куќи, правел скици, студии и работел на снимање на својствени градби и ентитети. Тој се залагал за самобитно градење и вградување на вековната босанска традиција во современата архитектура.[5]
Како пратеник во Босанско-херцеговскиот сабор, Ванцаш во 1911 година поднел резолуција до Босанскиот сабор во која овие архитекти ги изнеле своите ставови за градителксото наследство во Босна и Херцеговина и предлозите за зачувување и користење на архитектонските знаменитости. Во резолуцијата се повикува Владата да преземе соодветни мерки за попис на сите постари јавни и приватни објекти и градежни споменици, да ги стави државните споменици под заштита на државата, да ги нацрта овие објекти со цртежи и фотографии и да подготви законска основа - за новоградби во босански стил да се даваат повластици и даночни олеснувања. Самата резолуција не дала никакви дефинитивни резултати, иако владата ја прифатила.[6]
Јосип Поспишил
уредиВо 1909 г Во Сараево пристигнал архитектот Јосип Поспишил, кој веднаш почнал да го проучува самобитното наследство во урбанизмот и архитектурата, борејќи се за нивна заштита и реставрација. Го пропагирал „босанскиот стил“, барајќи модели во својата непосредна близина.[7]
Поспишил во 1912 година објавил неколку стручни написи во угледното списание Der Bautechniker во кои ја запознава странската културна јавност за проблемите на актуелната градежна практика и теорија во Босна и Херцеговина. Потоа објавил неколку свои проекти, меѓу кои и перспективен приказ на идната зграда на противпожарната бригада во Сараево. Неговата противпожарна касарна од 1912 година била клучна јавна зграда во босански стил која всушност била изградена во главниот град на покраината. Мешавина од модерни стилови, имала функционалистички тенденции во речиси недостаток на орнаментика, фасадна организација опишана како сецесионистичка по дух и експресионистички приказ на структурата и функцијата. Имала покривен профил и испакнати дрвени летви кои потсетувале на босанската народна архитектура.[2]
Поспишиловите нацрти за аптеката Радник, станбени и комерцијални четирикатни згради на Титова 34 (Салом палата) [8], палата Мусафија, Себиљ (јавна чешма) на Башчаршискиот плоштад, се примери за ширење на босанскиот стил.[9]
-
Поспишоловата сараевска противожарна касарна, 1912 година
-
Палата Салом (ул. Титова бр. 34)
-
Палатата Мусафија
Згради
уреди- Зграда на Земјишниот вакаф (Исламска заедница на Босна и Херцеговина и Вакафската дирекција) и Вакафот на Хадим Али-паша.[4]
- Мандиќевиот летниковец на Илиџа
- Зградата на семејството Хусеџиновиќ во Бања Лука од 1913 година
- Хотел Стари Град во Сараево[10]
- Станбено-деловно катче на Башчаршија од 1911 година е израз на почит што се наоѓа во: камено приземје, богата доксата, поткровје со класичен скршен лак, затворена ограда и зашилен покрив со врежани реси.
- Зградата на Хадин-пашиниот вакаф
- Зградата на општината Дервента и зградата на Кралската гимназија во Дервента
- Хрватски дом во Кисељак
- Зграда во Тешањ [5]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ About Art Nouveau
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Emily Gunzburger Makas, Tanja Damljanovic Conley (eds.) Capital Cities in the Aftermath of Empires
- ↑ 3,0 3,1 „Gorčin Dizdar: Secesija i 'bosanski slog' – bosanski stil u arhitekturi“. Fondacija Mak Dizdar, objavljeno 07/12/2008. Посетено на 9 February 2017.
- ↑ 4,0 4,1 „Zgrad Rijaseta IZ u BiH“. Komisija za nacionalne spomenike. Посетено на 13 September 2016.[мртва врска][мртва врска]
- ↑ 5,0 5,1 5,2 „Nedžad Kurto: ARHITEKTURA BIH- Razvoj bosanskog stila“. Kulturno naslijeđe, Sarajevo. Посетено на 9 February 2017.
- ↑ „Ana Barić CRKVA SVETIH ĆIRILA I METODA U SARAJEVU, DJELO JOSIPA VANCAŠA“ (PDF). SVEUČILIŠTE U ZAGREBBU FILOZOFSKI FAKULTET -ODSJEK ZA POVIJEST UMJETNOSTI Zagreb 2014. Посетено на 9 February 2017.
- ↑ „Borislav Spasojević - Arhitektura stambenih palata austrougarskog perioda u Sarajevu-“. RABIC Sarajevo, 1999. Посетено на 9 February 2017.
- ↑ „BNN“. Архивирано од изворникот на 2022-11-02. Посетено на 2024-04-12.
- ↑ „Amir Pašić: Arhitektura Bosne i Hercegovine, Austrougarski period (1878-1918)“ (PDF). Univerzitet u Sarajevu Filozofski fakultet Odsjek za historiju, Sarajevo. 2014. Посетено на 10 September 2017.
- ↑ „Hotel Stari grad“. kons.gov.ba. Архивирано од изворникот на 2020-06-30. Посетено на 13 September 2016.
Литература
уреди- Alija Bejtić - Ulice i trgovi Sarajeva. Sarajevo: Muzej grada Sarajeva 1973. Godine
- Borislav Spasojević - Arhitektura stambenih palata austrougarskog perioda u Sarajevu. Sarajevo: Svjetlost, 1988.
- Nedžad Kurto - Sarajevo 1492-1992, Oko, Sarajevo.
- Jela Božić, - Arhitekt Josip pl. Vancaš, Značaj i doprinos arhitekturi Sarajeva u periodu austrougarske uprave, doktorska disertacija, Sarajevo, 1989.
- Ibrahim, Krzović (1987). Arhitektura Bosne i Hercegovine 1878-1918. Umjetnicka galerija, 1987.