Алфавил (филм од 1965)

Алфавил, чудната авантура на Леми Кошн (француски: Alphaville, une étrange aventure de Lemmy Caution) - француски филм од 1965 година, во режија на Жан-Лик Годар, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги играат: Еди Константин, Ана Карина, Аким Таримоф и Хауард Вернон. Во 1965 година, филмот бил добитник на наградата „Златна Мечка“ на Филмскиот фестивал во Берлин.[1]

Содржина

уреди

Американскиот таен агент Леми Кошн (го игра Константин), кој лажно се претставува како Иван Џонсон, божемен новинар на весникот „Фигаро-Правда“ пристигнува во Алфавил, главниот град во една далечна галаксија, со цел да го пронајде и убие професорот фон Браун (го игра Вернон), кој во минатото бил прогонет од Земјата и потоа вовел диктатура во Алфавил. Леми воопшто не се вклопува во чудниот стил на живеење во градот. Имено, во Алфавил, луѓето носат броеви за идентификација напишани на нивните тела, некои зборови се забранети и исфрлени од употреба, луѓето се осудуваат на смрт за банални нешта, а чувствата се забранети. Всушност, со целиот живот владее суперкомпјутерот „Алфа 60“ кој постојано ги планира, пресметува и контролира сите постапки на луѓето. Во градот, Леми најпрвин се среќава со Хенри Диксон (го игра Таримоф), кој набргу умира. Истовремено, Леми ја запознава ќерката на фон Браун, Наташа и се вљубува во неа. Набргу, Леми е уапсен и испрашуван од суперкомпјутерот. Кога полицијата ја апси Наташа, Леми оди во лабораторијата на фон Браун и го убива, а потоа со Наташа го напушта градот.[2]

Наводи

уреди