Алиме Сејтосманова Абденанова (кримскотатарски: Alime Seitosman qızı Abdenanova; 4 јануари 1924 година — 5 април 1944 година) — била кримски татарски извидник во Црвената армија за време на Втората светска војна. По почетокот на германската окупација на Крим во 1943 година, таа ја водела својата разузнавачка група во собирањето на разузнавачки информации за позициите на германските и романските трупи низ Керчкиот полуостров, за што била наградена со Орден на Црвеното знаме. Откако групата била уапсена од страна на Германците во февруари, Абденанова била мачена повеќе од еден месец, но одбила да им открие какви било информации на киднаперите. На дваесетгодишна возраст, таа била погубена во предградието на Симферопол на 5 април 1944 година. На 1 септември 2014 година, со указ на Владимир Путин, таа постхумно била прогласена за Херој на Руската Федерација, со што станала шеснаесетта жена и првиот Кримски Татар кој ја добил титулата.

Алиме Абденанова
Родено имеАлиме Борасанова
Починал5 април 1944 (возр. 20)
Симферопол, Крим
Род Црвена армија (Воена интелигенција)
Служба1943—1944
ЧинЧлен на Црвената армија
Битки/војниИсточен фронт на Втората светска војна 
ОдликувањаХерој на Руската Федерација
Орден на Црвеното знаме

Ран живот

уреди

Алиме била родена на 4 јануари 1924 година во Керч во селанско семејство на Кримски Татари. Нејзината мајка, Меселме, била родена во соседниот град Мајак-Салин во големо семејство и живеела во сиромаштија додека не се омажила на седумнаесетгодишна возраст; нејзиниот татко Сејт-Осман работел во металуршкиот погон во Керч. Во 1926 година се родила сестрата на Алиме - Азифе, а по три години се родила нејзината најмлада сестра Феруза во 1929 година. По смртта на нејзината мајка во 1930 година и нејзиниот татко во 1931 година, Алиме и нејзините сестри живееле со нивната баба во Џермај-Кашик и го зеле презимето Абденанова.[1][2]

По завршувањето на седумгодишното средно образование со почести, таа нашла работа како секретарка во селскиот совет на Узун-Ајакски во Ленинскиот округ, а во 1940 година станала членка на Комсомол. По германската инвазија на Советскиот Сојуз во јуни 1941 година, таа неколкупати аплицирала да се приклучи на Црвената армија, но секој пат била одбиена со образложение дека е член на Извршниот комитет на Ленинскиот округ. На 16 ноември 1941 година комитетот бил преместен во Керч, а подоцна во Темрјук. По релокацијата таа можела да се запише на медицински курсеви, по чие комплетирање била распоредена во болница во Краснодар.[3]

Активности како водач на извидници

уреди

Откако советските трупи ја вратија територијата претходно контролирана од Вермахтот во битката за Курск и Новоросијско-Таманската операција, раководството на Црвената армија имало намера да започне офанзива за повторно заземање на Крим. За да го стори тоа, генерал-мајорот Николај Трусов, заменик-началник на Генералштабот за разузнавање на поморската армија, наредил да се испратат група извидници во задниот дел на силите на Оската кои се повлекувале. Била формирана разузнавачката група „Баст“, составена од двајца извидници и шест агенти обучени за саботажа, која била распоредена во градот Стари Крим; тие успеале да испратат над 300 разузнавачки преноси до Црвената армија. Сепак, мрежата од осум лица не била во можност да го надгледува целиот полуостров и била во опасност поради зголемената претпазливост на нацистите. Откако нацистите ги заостриле ограничувањата за патување, на групата ѝ стана потешко да го избегне регрутирањето од страна на Оската, што би ја завршило нивната мисија предвреме. Трусов тогаш решил да испрати втора разузнавачка група на полуостровот, а Абденанова наскоро доброволно се пријавила за задачата. По обуката во школо за воено разузнавање во Краснодар, таа се подготвила за својата задача, знаејќи да скока со падобран од авион и комплетирајќи курс за шпионирање.[4][5][6]

Доцна во ноќта на 2 октомври 1943 година Абденанова скокнала со падобран од авионот Поликарпов По-2 над селото Џермај-Кашик со нејзиниот радио оператор Лариса Гулјаченко. При слетувањето малку надвор од целта Абденанова си ја повредила ногата, но успеала да стигне до куќата на нејзината баба. Таму Абденанова почнала да работи под псевдонимот „Софија“, а Гулјаченко ги користела имињата „Стасија“ и „Горда“. Со цел да собере доволно информации за Црвената армија, Абденанова организирала мала извидничка група во која биле вклучени нејзиниот вујко Абдураки Болатов, учителката Нечипа Баталова, Сефидин и Џеват Менанов, Васпие Аџибаева, Каирла Мамбејанов и Батал Баталов. На извидниците им биле доделени задачи кои вклучувале: постојано следење на локалната железница, прецизно одредување на движењето на непријателските трупи, собирање податоци за гарнизоните во областа и за алокацијата на непријателските единици во областа. Состаноците биле одржувани во куќата на Батал Баталов, каде што по обезбедувањето на информациите Алиме ги пренесувала преку радиотелеграф до одделот за разузнавање на Севернокавкаскиот фронт. Од почетокот на операцијата во Џермај-Кашик до 19 октомври, 16 радиограми биле испратени до Црвената армија, значително повеќе од потребниот минимум од две неделно. Севкупно, оваа организација испратила над 80 разузнавачки преноси, што резултирало со поголеми загуби за германските војници.[1][4][7]

На 13 декември 1943 година мајорот Атековски, началник на вториот оддел за извидување со седиште во Севернокавкаскиот фронт, ја номинирал Абденанова и Гулјаченко за Орден на Црвеното знаме. Генерал-мајорот Николај Трусов ја поддржал номинацијата и на 5 јануари 1944 година, советот на Приморската армија ја одобрил номинацијата; сепак, бидејќи Абденанова во тоа време била на окупирана територија и не можела лично да ја прими наградата, медалот бил чуван во складиште во Москва сè додека не ѝ бил официјално предаден на нејзината сестра Феруза на 9 мај 1992 година, по што бил испратен до Лениновскиот музеј.[8]

Заробеништво и смрт

уреди

Во јануари и февруари во 1944 година, Абденанова испратила 42 радиограми до Црвената армија, но на 11 февруари батериите во нејзиното радио се потрошиле и таа била принудена да побара нов сет од локалниот партизан Александар Павленко. По обезбедувањето на батериите, Павленко бил уапсен од Германците. Алиме ова го пријавила во штабот и добила инструкции од Трусов да отпатува до село во близина и да остане таму со роднините. Во тоа време Германците веќе се сомневале во присуството на шпиони во Керч, и со употреба на радиолокатор била пронајдена локацијата на извидниците. Доцна во ноќта на 25 февруари, нацистите започнаа рација на куќата на Сефидин и Џеват Менанов, при што повеќето од извидниците, вклучувајќи ги и Абденанова и Гулјаченко, биле уапсени и испратени во затвор во Стари Крим. Во затворот, ниту еден од извидниците што ги регрутирала Абденанова не им откриле воени информации на Германците дури и под тортура, а повеќето од нив биле застрелани на планината Агармиш на 9 март. Васпие Аџибаева починала од тортура во затворот пред да се случат пукотниците, а Нечипа Баталова била застрелана во дворот на затворот. Откако била сведок на тортурата на кримските партизани, радио операторот Лариса Гулјаченко се согласила да соработува со нацистите и им открила дека радиото што го користеле за пренесување информации било скриено во шталата. Абденанова, сепак, одбила да им даде какви било информации на нацистите и поради тоа била жестоко мачена. Неколку Руси лојални на нацистите учествувале во мачењето, кое вклучувало корнење на нокти, кршење раце и нозе, полевајќи ја со замрзна вода и изобличувајќи ѝ го лицето. И покрај тортурата и долготрајните испрашувања таа не открила никакви информации. На 27 март партизаните упаднаа во затворот во Стари Крим и ослободија многу затвореници, но не ја најдоа Абденанова бидејќи таа веќе била испратена во затвор во Симферопол, каде што пристигнала на 3 април и била сместена во самица. На 5 април 1944 година била застрелана од Гестапо и погребана на непозната локација.[1][3][9][10]

Почести и наследство

уреди

Откако Советите ја вратиле контролата над Крим во април 1944 година, офицерите на Црвената армија го посетиле семејството на Алиме и ја пофалија нејзината храброст, велејќи дека нејзините постапки нема да бидат заборавени.[11] Сепак, по депортацијата на Кримските Татари во Средна Азија на 18 мај, преживеаните членови на семејството на Алиме биле депортирани во Узбекистан, вклучувајќи ја и нејзината баба која им помагала на извидниците, како и сестрата Азифе која била партизан за време на германската окупација. Советската влада колективно ги прогласила сите Кримски Татари за предавници, дури и оние кои служеле со најголема лојалност во Црвената армија. Дури и по повеќекратни петиции со барање Абденанова да биде прогласена за Херој на Советскиот Сојуз, никогаш не ѝ била доделена титулата и останала во голема мера непозната за јавноста во поголемиот дел од советската ера.[12] По падот на Советскиот Сојуз, објавувањето на литература за нејзините придонеси за време на војната нарекувајќи ја „Кримската Зоја[13] и анексијата на Крим од Русија во 2014 година, таа со задоцнување била прогласена за Херој на Руската Федерација на 1 септември 2014 година.[10]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Bekirova, Gulnara. „Легендарная Алиме“. Крым.Реалии (руски). Посетено на 2018-06-17.
  2. Lota, Vladimir. „Сильнее "Геркулеса". redstar.ru (руски). Посетено на 2018-06-18.
  3. 3,0 3,1 Сварцевич, Владимир (26 March 2015). "Софие" против Канариса. Она сражалась за СССР, а стала Героем России“. www.aif.ru. Посетено на 2018-06-18.
  4. 4,0 4,1 „Крымчанка Алиме Абденанова - Герой России. Биография“. РИА Новости Крым (руски). 2015-10-19. Посетено на 2018-06-17.
  5. „Крымский резидент: как 19-летняя разведчица оставалась неуловимой в тылу фашистов“. Телеканал «Звезда» (руски). Посетено на 2018-06-18.
  6. Bekirova, Gulnara. „Заложники войны: оккупация Крыма (1941-1944)“. Крым.Реалии (руски). Посетено на 2018-06-18.
  7. „Герой России — разведчица Алиме“. crimiz.ru (руски). Посетено на 2018-06-18.
  8. „Орден Красного Знамени Абденановой хранится в Москве - семья“. РИА Новости Крым (руски). 2015-10-20. Посетено на 2018-06-18.
  9. „Алиме Абденнанова достойна памятника, - Каджаметова“. QHA (руски). Архивирано од изворникот на 2018-06-18. Посетено на 2018-06-18.
  10. 10,0 10,1 Bocharov, Anton. „Абденанова Алиме Сеит-Османовна“. warheroes.ru. Посетено на 2018-06-18.
  11. Melnikova, Anna (2015-02-26). „Центр! Крым на связи!“. «Комсомольской правды» (руски). Архивирано од изворникот на 2020-04-11. Посетено на 2018-06-18.
  12. „Автор книги "Крымская легенда": разведгруппа "Дея" была уникальна“. РИА Новости Крым (руски). 2015-10-21. Посетено на 2018-06-18.
  13. „Подвиг разведчицы“. portal-kultura.ru (руски). Посетено на 2018-06-18.