Александрида e популарен средновековен роман за Александар III Македонски. Настанува веднаш по смртта на Александар; се верува дека е напишана од Псевдо-Калистен, кој на фантастичен начин раскажува за животот и подвизите на Александар Mакедонски.[1] Зачувани се подоцнежни верзии преведени од старогрчки на латински, ерменски, коптски и на сириски јазик. Напpавени се голем број верзии на разни јазици низ светот, a најстарата веројатно потекнува од Александрија (II - I в. п.н.е.).

Македонска верзија на „Александрида“ се содржи во „Славјанско-македонската општа историја” на Ѓоргија Пулевски од втората половина на XIX в.[2]

Во средновековната македонска книжевност, како и во другите словенски книжевности, важно место во жанрот на романите зазема и „Александрида”. Во средновековната схоластика прозвучуваат новите световни мотиви во прозното творештво, особено оние со историска тематика. Славниот македонски воjсководец го добива првото место, зашто своевидно преработен наполно им одговарал на рицарските манири, карактеристични за средновековното феудално општество и дава примери за победите на Александар Велики (365-323 п.н.е.). Во средновековниот роман провејуваат богати борбени настани и подвизи, помешани со фантастични вметнувања, со необични и неисториски додатоци, со цел да се привлече вниманието на читателот. Основата на романот e заснована врз историски и литературни извори, усни преданија и легенди, чии траги водат и до II - I в. пр.н.e. Во јужнословенската средина преводот настанал кон крајот на Х в.,[1] според Псевдо-Калистеновата верзија, напишана на старогрчки јазик. Романот се проширил и во старата руска литература, a најбројни преписи доживеал во средновековната српска литература, но се проширил и во цела Европа и Азија, сè до скандинавските земји и на исток до Индија.

Верзијата на „Александрида“ на Павел Хаџи Киријаков од 1810 година започнува со зборовите:

“Александрија – или историја на Великиот цар Александар Македонски, син Филипов, кој владеел во 5250 година од создавањето на Светот. Се разгневи Бога на земските цареви што се равнеа со Господ Бог, та помисли да ги казни... И Господ Бог ја избра Македонија заради славата своја.“ [3]

Наводи

уреди