Албин Курти
Албин Курти или Аљбин Курти (албански: Albin Kurti) — косовски политичар, тековен премиер на Косово.
Личен живот
уредиАлбин Курти е роден во 1975 година во Приштина. Неговиот татко е инженер, родум од Црна Гора, преселен во Приштина. Неговата мајка е просветен деец, родена и израсната во Приштина. Курти завршува основно и средно образование во родниот град. Во 2003 година дипломира телекомуникации и компјутерско инженерство на Универзитетот во Приштина. Оженет е за Норвежанката Рита Аугестад Кнудсен и имаат една ќерка. Освен државјанин на Косово, Курти е и државјанин на Албанија.
Политичка кариера
уредиАлбин Курти се истакнува како еден од водачите на албанските студенти на Косово кои во 1990-тите се спротивставуваат на репресивната политика на југословенските власти против месните Албанци. Во април 1999 година, за време бомбардирањето на Југославија од страна на НАТО, Курти е уапсен и малтретиран од југословенските власти. Првично е затворен на северот на Косово, во Дубрава, но при повлекувањето на југословенските сили е преместен надвор од Косово, во Пожаревац, во Источна Србија. Обвинет е за загрозување на територијалниот интегритет на Југославија и заговарање за извршување непријателска активност поврзана со тероризам и е осуден на 15 години затвор. Ослободен е по падот на Слободан Милошевиќ, во декември 2001 година, со помилување од претседателот на Југославија, а под меѓународен притисок.
По ослободувањето од затвор во Србија, Курти е активен надвор од партиските консталации на Косово. Се истакнува како критичар на корупцијата во земјата и на Привремената административна мисија на Обединетите нации на Косово. Организира ненасилни протести за поддршка на семејствата чии роднини исчезнале во воено време. Неговата реторика е за самоопределување на Косово. Активист е на Мрежата Акција за Косово (АКН), основана во 1997 година како движење кое се фокусира на човековите права, социјалната правда, образованието и културата. Во 2005 година е уапсен заедно со други активисти кои на ѕид на седиштето на УНМИК го испишуваат геслото „Без преговори, самоопределување“. Тогаш АКН се преименува во Движење Самоопределување и го поставува прашањето за референдум за статусот на Косово. Во 2007 година одново е уапсен поради протести против предлог наречен Планот на Ахтисаари кој, според противниците, го дели Косово врз етничка основа и не ги задоволува потребите на косовците. На овој протест, одржан во февруари, полицајци при ОН убиваат двајца демонстранти и повредуваат десетици. Курти е во домашен притвор до јули истата година. Амнести интернешенал застанува во негова одбрана во однос на нерегуларности во неговото гонење. Осуден е на девет месеци.
Самоопределување станува политичка партија и учествува на парламентарните избори во 2010 година, на кои добива 12.69% од гласовите и освојува 14 од 120 мандати во парламентот, со што станува трета политичка сила во земјата. Тогаш Курти станува пратеник. Самоопределување се истакнува против Бриселскиот договор од 2013 година и нејзини пратеници, меѓу кои е и Курти, се изведени од парламентот со полициска придружба поради нарушување на редот на седницата. На парламентарните избори во 2014 година Самоопределување освојува 16 мандати и Курти повторно е пратеник. Привлекува меѓународно внимание кога на седници на парламентот испушта солзавци како протест против преговори со Србија поддржани од ЕУ кои Самоопределување ги смета за недобри. На парламентарните избори во 2017 година Самоопределување добива дупло повеќе гласови и станува најголемата политичка партија во Косово, освојувајќи 32 мандати со 200.135 гласови (27,49 %), но губи од коалицијата ПАНА, сојуз на неколку партии кој освојува 245.627 гласови (33,74 %). Во јануари 2018 година Курти е осуден на условна затворска казна од 1 година и 6 месеци поради испуштањето солзавци во парламентот.
Во јули 2019 година премиерот Рамуш Харадинај подава оставка. На вонредните парламентарни избори истата година Самоопределување освојува 29 мандати со 221.001 гласови (26,27 %), останувајќи најголема политичка сила во земјата. Како резултат на овие избори, во февруари 2020 година Албин Курти станува премиер на Косово. На 18 март истата година Курти го отпушта министерот за внатрешни работи Агим Велиу од ЛДК поради искажана поддршка за прогласување вонредна состојба за справување со пандемијата на корона вирусот, со што Хашим Тачи како шеф на Советот за безбедност би добил одредена моќ. Несогласувајќи се со таквото решение на Курти, Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) поднеусва барање за гласање недоверба и на 25 март 82 пратеници изгласуваат недоверба на владата на Курти, која како преодна владее до 3 јуни, кога за премиер е избран Авдулах Хоти. Курти не може да учествува на парламентарните избори во 2021 година поради неговото осудување во 2018 година. Сепак, Самоопределување победува со 50,28 % од гласовите и во март 2021 година Курти повторно е избран за премиер.