Ѕидањето на Скадар
„Ѕидањето на Скадар“ (српски: Зидање Скадра) е српска епска, јуначка песна.
Содржина
уредиТројцата браќа, кралот Волкашин, војводата Углеша и Гојко Мрњавчевиќ, три години го граделе Скадар, но не можеле ни темелот да го постават, иако ангажирале 300 мајстори. Сето она што било изградено во текот на денот, ноќта го разурнувала самовилата. Четвртата година, таа му кажала на Волкашин дека нема да го изгради градот додека не пронајде брат и сестра со имиња Стојан и Стоја кои ќе ги заѕида во темелите. Тогаш, Волкашин го испратил слугата Десимир да оди по светот и да ги бара. Десимир упорно барал во текот на три години, но без успех. Тогаш, повторно му се јавила самовилата, која го поставила следниов услов: која од сопругите на тројцата браќа ќе дојде утредента да им донесе ручек на мајсторите, неа жива да ја заѕидаат во темелот на кулата и тогаш ќе може да се заврши градбата. Тројцата браќа се заколнале даек нема им кажуваат на сопругите, туку да остават случајот да одреди чија сопруга ќе дојде прва кај мајсторите. Меѓутоа, вечерта, Волкашин и Углеша ги предупредиле своите жени, а само најмладиот брат Гојко не ја прегазил заклетвата. Утредента, сопругата на Волкашин ја замолила сопругата на Углеша да им однесе ручек на мајсторите, правдајќи се дека ја боли главата, а сопругата на Углеша пак одговорила дека ја боли раката. Тогаш, Гојковица прифатила да оди кај мајсторите, а таму го сретнала Гојко облеан во солзи. Волкашин и Углеша ја однеле Гојковица кај мајсторот Раде, кој ја заѕидал во темелот на кулата, а таа цело време се смеела, мислејќи дека се работи за некаква шега. Меѓутоа, кога сфатила дека навистина ќе ја соѕидаат жива во кулата, таа побарала од мајсторот Раде да остави прозорчиња кај градите за да може да го дои својот едномесечен син, како и отвори во висината на очите за да може да гледа кога ќе ѝ го носат детето. Откако ја соѕидале, секој ден ѝ го носеле бебето, а таа умрела по една недела.[1]
За песната
уредиСпоред Јован Томиќ, песната настанала во околината на Скадар - во северна Албанија, во Црна Гора или во југозападна Херцеговина каде традицијата на семејството Мрњавчевиќ била била долго задржана.[2] Неговиот заклучок подоцна го поддржале и други научници.[3] Песната прв ја запишал Вук Караџиќ, кој ја слушнал од старецот Рашко кој бил родум од Колашин, Херцеговина, а на почетокот на Првото српско востание пребегал во Србија и се населил во селото Сабанти во близината на Крагуевац.[4] Една копија од својата збирка народни песни од 1824 година, Караџиќ му испратил на Јакоб Грим, кој бил воодушевен од „Ѕидањето на Скадар“. Грим ја превел песната на германски јазик и рекол дека таа е „една од најпотресните песни на сите народи и сите времиња”.[5] Јохан Волфганг Гете, исто така, ја објавил песната на германски, но не го делел мислењето на Грим, велејќи дека духот на песната е „суеверно варварски”.[6]
Наводи
уреди- ↑ Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 73-79.
- ↑ Književnost i jezik. s.n. 1980. стр. 27. Посетено на 9 март 2017.
- ↑ Prilozi za književnost, jezik, istoriju i folklor. Državna Štamparija. 1989. стр. 53–54. Посетено на 9 март 2017.
- ↑ В.Ђ., „Поговор - О певачима“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 490.
- ↑ Paul Rankov Radosavljevich (1919). Who are the Slavs?: A Contribution to Race Psychology. Badger. стр. 332. Посетено на 9 март 2017.
- ↑ Marcel Cornis-Pope; Neubauer, John (2004). History of the Literary Cultures of East-Central Europe: Junctures and Disjunctures in the 19th and 20th Centuries. John Benjamins Publishing. стр. 273. ISBN 978-90-272-3455-1. Посетено на 9 март 2017.