Жоајез
Жоајез (француски: Joyeuse, во превод „радостен“) или Меч на Карло Велики (француски: l'épée de Charlemagne) — личен меч на Карло Велики, а исто така и меч кој се користел за крунисување на француските кралеви. Мечот денес е изложен во музејот Лувр.
Легенда за мечот
уредиСогласно преданијата, Жоајез бил искован од истиот метал како и мечевите Куртана на Едвард Исповедникот и Дурендал на Роланд.[1] Други извори укажуваат дека сечилото на мечот било изработено од шилецот на Светото копје со коешто бил прободен распнатиот Исус Христос. Во стихот CLXXXII од „Песната за Роланд“ (Туролд, XI век) е запишано:[2]
Мечот Жоајез виси долж бедрото,—
Својата боја ја менува триесет пати на ден.
Кој не чул за шилецот на копјето,
Со кое бил прободен распнатиот Христос?
Сега со тој шилец владее Карло.
Него го претворил во рачен меч.
Во чест на толкавата светост на својот меч
Го нарекол Жоајез — „Радостен“.
Мечот Французите заасекогаш го паметат:
Неслучаен е воениот кресок — „Монжоа!“
Неслучајно никој не го победил.
Во време не Првиот крстоносен поход навистина било објавено дека е пронајдено копјето на кое било забодено месото на мртвиот Исус Христос, што буквално ги поделило крстоносците на едни кои верувале и други кои се сомневале во оригиналноста на пронајдениот артефакт.[2] Сепак, овие настани се случиле во периодот од 1096—1099 година, додека Карло Велики починал во 814 година. Современите научни методи, вклучувајќи радиојаглеродна анализа, укажуваат дека најстарите составни делови на оружјето потекнуваат некаде од XI век, што исто така ја потврдува невозможноста нив да ги поседувал крал на Франкија.[3]
Во својата типологија на мечевите, британскиот историчар на оружјето Еварт Оукшот дошол до неочекуван заклучок. Нарекувајќи го Жоајез „Шарлемањов меч“, што е францускиот назив на името на владетелот, тој ги критикува стручњаците кои временски потеклото на мечот го сместуваат некаде во XIII век поради следното. Според него, дршката има облик кој е карактеристичен за IX век; крстачот, иако подолг од мечевите на Франките, може да се смета за исклучок; шилецот во облик на „капак од чајник“ е многу повообичаен за периодот околу 800 отколку во 1200-тите гпдини. Главна причина поради која би било можно мечот да потекнува од XIII век е жигот на заштитата, кој го означува тежинскиот дел на златото. Меѓутоа, како што смета Оукшот, Жоајез бил повеќекратно бил преместуван и дополнително украсуван, што можело да биде придружено со жигосана златна обвивка.[4]
Потврдени историски факти
уредиМечот на Карло Велики наречен „Жоајез“ се користел за време на свеченостите за крунисување на француските кралеви, веројатно почнувајќи од Филип II Август.[5] Сепак, првата потврда со писмен доказ потекнува од 1270 година, кога за крал бил крунисан Филип III Храбриот. За последен пат мечот бил употребен како симбол за предавање на власта при крунисувањето на последниот претставник од бурбонската династија на францускиот престол Шарл X. Заедно со другите регалии бил чуван во базиликата Сен Дени, а за време на Француската револуција, поточно во 1793 година, бил преместен во музејот Лувр.[5]
Мечот во неговиот денешен облик содржи составни делови од различни времиња. Обете страни на дршката се украсени со врежани украси, на кои се прикажани птици, чии мотиви се блиски до скандинавските орнаменти од периодот на X-XI век. Обата дела на заштитата претставуваат стилизирани крилести змејови кои веројатно потекнуваат од XII век. Вметнатите дијаманти во дршката се од периодот на XIII-XIV век. Еварт Оукшот бил цврсто уверен дека, за крунисувањето на Наполеон I, мечот во целост бил расклопен, исчистен и опремен со нова рачка.[4] Сечилото веројатно било целосно обновено за крунисувањето на Шарл X во 1825 година. Поголемиот дел од неговата површина содржи извезени лилјани. Сочуваните стари делови на сечилото ја вклучуваат големата златна лента украсена со разни драгоцени камења и златната тока украсена во истиот стил.[5]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Bulfinch T. (1999). Bulfinch's Mythology: Includes The Age of Fable, The Age of Chivalry & Legends of Charlemagne. Random House Publishing Group. стр. 880. ISBN 9780679640011.
- ↑ 2,0 2,1 Турольд, перевод Корнеева Ю., примечания Смирнова А. (1976). „стихе CLXXXII“. Песнь о Роланде. 10 (Библиотека Всемирной Литературы. изд.). М.: Издательство «Художественная литература». Архивирано од изворникот на 2019-11-25. Посетено на 2019-11-24.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ „Самые известные мечи, ставшие настоящими артефактами“. kulturologia.ru. Посетено на 24 ноември 2019.
- ↑ 4,0 4,1 Oakeshott, E. 1964.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 Réunion des musées nationaux 1987.
Користена литература
уреди- Regalia: les instruments du sacre des rois de France. Paris: Réunion des musées nationaux. 1987. ISBN 978-2711821068.
- Oakeshott, E. The Sword in the Age of Chivalry. Boydell Press. 1964. ISBN 0-85115-715-7.
Надворешни врски
уреди„Жоајез“ на Ризницата ? |
- Жоајез Архивирано на 11 август 2019 г. — службено мрежно место на Лувр (француски)