The Knife
The Knife е шведска електронска музичка група формирана во 1999. Групата ја сочинуваат брат и сестра:Олоф Дрејер и Карин Дрејер Андерсон, кои исто така ја водат сопствената издавачка куќа Rabid Records. Карин Дрејер Андерсон претходно беше пејачка во гетеборшкиот бенд Honey is Cool.
Историја
уредиThe Knife добија Grammis награда (шведска верзија на Греми наградите) за најдобра поп група за 2003 година, но ја бојкотираа церемонијата, праќајќи членови од уметничката група Unfucked Pussy облечени како горили со бројот 50 на нивните костими како протест против машката доминација во музичката индустрија. Нивниот албум Deep Cuts беше номиниран во категоријата „Албум на годината“ на Grammis наградите во 2003 година, но наградата беше доделена на групата The Cardigans за албумот Long Gone Before Daylight. Најуспешен сингл од албумот Deep Cuts беше Heartbeats, кој доби пофалби од музичките критичари за продукцијата и уникатниот стил на пеење на Карин Дрејер Андерсон. Оваа песна придонесе The Knife дополнително да бидат забележани од меѓународната јавност, бидејќи беше преработена од пејачот José González, чија преработка можеше да се чуе во една реклама на Sony. Во врска со продавањето на авторските права на Sony, дуото има изјавено дека се одлучиле на таков потег бидејќи во тој период го снимале следбеникот на Deep Cuts, албумот Silent Shout, и им биле потребни финансии за да продолжат со работа на албумот, видео спотовите и настапите во живо. Но, и покрај придобивките, тие велат дека тоа биле „валкани пари“.
Уште од почетокот на кариерата The Knife многу ретко се појавуваат во медиумите. Дуото го има прекршено своето правило никогаш да не настапува во живо. Првиот настап во живо го имаа во ICA во Лондон, пролетта 2005, а во 2006 заедно со издавањето на албумот Silent Shout, кој доби одлични критики од рецензентите и слушателите, тие одлучија да продолжат со настапите во живо, но со прикажани слики од режисерот Андреас Нилсон наместо да се појават членовите на бендот. Во 2006 имаа настапи во живо во Лондон, Њујорк, Париз, Берлин, Амстердам и Стокхолм. Но мора да се напомене дека The Knife многу ретко ги покажуваат своите лица, а за време на концертите бендот на себе често има маски од најразличен вид. Нивниот албум Silent Shout беше објавен во Европа на 2 јули 2006 г. Од овој албум беа издадени сингловите: Silent Shout, Marble House, We Share Our Mothers` Health и Like a Pen. Меѓу другото, Silent Shout беше именуван од страна на дневната интернет публикација Pitchfork Media како најдобар албум за 2006 година, а истоимената песна ја прогласи за втора најдобра песна за 2006 година. Британските музички мрежни места musicOMH и Gigwise го прогласија албумот за седми најдобар албум од периодот 2000-09 година, а исто така овој албум се најде и на листата Essential 50, создадена од музичкиот магазин Clash. Дуото го издаде и музичкото DVD насловено како Silent Shout: An Audio Visual Experience, кое е снимка од нивниот концерт во Гетеборг како дел од Silent Shout турнејата.
Во 2007 The Knife беа номинирани за шест Grammis награди во следниве категории: „Албум на годината“, „Изведувач на годината“, „Композитор на годината“, „Музичко DVD на годината“, „Поп група на годината“ и „Продуцент на годината“. The Knife победија во сите шест категории, што претставува рекорд за група од нивниот жанр. Но групата и овој пат немаше никаква намера да се појави на церемонијата и не ги примија нивните награди. Наместо тоа имаа снимено кратки видео поздрави: еден во кој две постари жени со нејасни маски на себе изјавија дека не планирале да бидат присутни на „вечерашните прославувања“, и еден во кој едно помладо момче со изменет изглед се заблагодари за тоа што „ви се допаѓам“.
Во 2010 беше издаден албумот Tomorrow, In A Year заедно со електронските музичари Planningtorock и Mt. Sims. Музиката доаѓа од истоимената опера во која се зборува за Чарлс Дарвин.
Во април 2013 дуото го издаде својот прв независен албум по 2005 година. Албумот е насловен Shaking The Habitual, и е нивниот најдобро пласиран албум во Велика Британија. Некои од темите на албумот се енвиронметализмот, структурализмот и половата еднаквост. Дуото преку својата музика ја критикува структурата на кралското семејство и на потесното семејство. Во интервју од 2013 г. тие изјавија: „Пред три години, кога почнавме да разговараме за тоа дали ќе продолжиме да работиме заедно, сакавме да најдеме начин како да ги комбинираме нашите политички интереси и создавањето музика“. Тие исто така ја критикуваат и појавата на „комерцијална хомогенизација“ во музичката индустрија, тврдејќи дека таа претставува „екстремно хиерархална структура“.
Најкомерцијалниот начин би бил да се држиме до одредена формула, а во музичка смисла, овој албум е многу далеку од Deep Cuts. Но тоа е нешто за кое ние дискутиравме, на пример: „Дали да го промениме нашето име? Можеби не треба повеќе да бидеме The Knife бидејќи правиме нешто сосем различно.“ Но, сметам дека многу поважно е да го задржиме името, а да направиме нешто сосем различно.
—Карин Дрејер Андерсон за експерименталната и политичката природа на албумот Shaking The Habitual.
Shaking The Habitual беше одлично прифатен од музичките критичари. Две песни од албумот досега се издадени како официјални синглови, Full of Fire и A Tooth for an Eye. На 26 април 2013 година започна нивната турнеја Shaking The Habitual Tour.
За Карин Дрејер Андерсон и за Олоф Дрејер се знае многу малку поради нивниот специфичен однос со јавноста и ретките појавувања на телевизија, интервјуа и настапи. Основната информација е дека Олоф е роден во 1981 година, а Карин во 1975 година, во Стокхолм. Во врска со сликата во медиумите која е создадена за нив - дека обајцата се мистични и меланхолични, Карин има изјавено: „Сметам дека тие изјави се провокативни. Јас сум исклучително активна. ...Доколку некој сака фокусот да биде врз неговото дело, музиката во нашиот случај, а не врз лицето зад делото, тогаш често го нарекуваат мистериозен и таинствен“.
Стил
уредиНекои обожаватели и музички критичари ја нарекуваат Карин Дрејер Андерсон „шведската Бјорк“ поради начинот на кој го управува својот глас додека пее. За разлика од Бјорк, Андерсон често ја менува висината на гласот, создавајќи впечаток дека во песната учествуваат повеќе вокалисти. Во поголем дел од песните се создава илузија на дует помеѓу женски и машки вокал, но всушност песните во целост се испеани од Карин, а нејзиниот глас во некои песни е компјутерски променет за достигнување на подобар ефект. Што се однесува до текстовите на нивните песни, Олоф има изјавено дека не секогаш ги разбира и дека понекогаш мора да ја праша Карин за што всушност таа пее. Музичкиот стил на The Knife најчесто се определува како мешавина меѓу електропоп и експериментален, авангарден звук. Олоф и Карин не даваат конкретен опис на музиката која ја создаваат, овозможувајќи му на слушателот сам да процени на кој жанр припаѓа нивната музика.
Дискографија
уредиАлбуми
уреди- The Knife (2001)
- Deep Cuts (2003)
- Hannah med H Soundtrack (2003)
- Silent Shout (2006)
- Shaking The Habitual (2013)
Синглови
уреди- „Afraid of You“ (2000)
- „N.Y. Hotel“ (2001)
- „Got 2 Let U“ (2002)
- „Nedsvärtning“ (2002)
- „Heartbeats“ (2002)
- „You Take My Breath Away“ (2003)
- „Pass This On“ (2003)
- „Handy-Man“ (2003)
- „Silent Shout“ (2006)
- „Marble House“ (2006)
- „We Share Our Mothers' Health“ (2006)
- „Like a Pen“ (2006)
- „Christmas Reindeer“ (2006)(бесплатно интернет mp3 издание)
- „Full Of Fire“ (2013)
- „A Tooth For An Eye“ (2013)
ДВД
уреди- „Deep Cuts“ (2004)
- „When I Found The Knife, By: Frau Rabid.“ (2005)
- „Silent Shout: An Audio Visual Experience“ (2006)
Друго
уредиKarin Dreijer се појавува како гостин-вокалист:
- „What Else Is There?“ (Röyksopp) (2005)
- „Axe Man“ (Silverbullit) (2001)
- „This Must Be It“ (Röyksopp) (2009)
- „Tricky Tricky“ (Röyksopp) (2009)
Кратки филмови
уреди- „When I Found The Knife“ (story by Frau Rabid, animated by Vardag) (2004)
- „When I Found The Knife Again“ (Amy Engles=Amy Leech [1]) (2006)
Филм/снимка од концерт
уреди- „Silent Shout: An Audio Visual Experience“ (2006) (Marius Dybwad Brandrud)
Ивори
уреди- sv.wikipedia.org/wiki/The_Knife
Надворешни врски
уреди- (англиски) Официјална страна
- (англиски) www.theknife.se Архивирано на 9 август 2018 г.
- (англиски) The Knife на MusicBrainz
- (англиски) The Knife на MySpace
- (англиски) The Knife на Last.fm
- (англиски) Интервју со The Knife
- (англиски) Интервју www.krugermagazine.com Архивирано на 27 септември 2007 г.
- (англиски) Преглед на „Silent Shout“ од Village Архивирано на 2 јули 2007 г.