Синоним (таксономија)

алтернативен нучен назив на еден таксон
(Пренасочено од Syn.)

Синоним — научен назив што се однесува на таксон во научната номенклатура кој денес има поинакво име,[1] иако во зоологијата има малку поинаква улога.[2] На пример, Линеј ѝ го дал првото научно име на обичната смрча, кое гласело Pinus abies. Денес тој назив не е во употреба и претставува синоним за тековното име Picea abies.

Вампирската лигна (Vampyroteuthis infernalis Chun, 1903) има поголем број на синоними:
Cirroteuthis macrope Berry, 1911
Vampyroteuthis macrope Berry, 1911
Melanoteuthis lucens Joubin, 1912
Watasella nigra Sasaki, 1920
Danateuthis schmidti Joubin, 1929
Hansenoteuthis lucens Joubin, 1929
Melanoteuthis schmidt Joubin, 1929
Melanoteuthis beebei Robson, 1929
Retroteuthis pacifica Joubin, 1929
Melanoteuthis anderseni Joubin, 1931.

Синонимите во научна смисла важат само за научните називи, а не и за народните. На пример, „поскок“ и „камењарка“ обете се однесуваат на Vipera ammodytes и не претставуваат научни синоними, туку едноставно разни народни (тривијални) имиња за едно исто животно.

За разлика од синонимите во други области, таксономскиот синоним не е истоветен на другото име, бидејќи во таксономијата тие не се еднакви и имаат поинаков статус. Секој таксон може да има само по едно име што важи за исправно (согласно номенклатурен правилник). Синонимот е најчесто врзан за поинаков пристап во класификацијата и со тоа, поинаква положба во системот.

Општо

уреди

Промените во научните називи настануваат од две причини: таксономски или номенклатурни. Промената може да се должи на измени во групирањето, положбата или рангот на таксонот, што е одраз на поинакви научни сознанија.

Измената може да се изврши од чисто номенклатурни причини, врз основа на пропишаните правила во номенклатурата (на пример, враќање на постар назив како главен, увидувајќи дека е посоодветен). Начелно ваквите измени денес се поретки поради правилото на запазување на имињата со цел да се стабилизира систематиката.

Зоологија

уреди

Во зоолошката номенклатура, која се води според Меѓународниот правилник за зоолошка номенклатура [3], синонимите се различни научни називи од ист ранг што се однесуваат ан истиот таксон (на пр. две имиња за еден ист вид). Најстарото име се нарекува постар синоним, а подоцнежното е помлад синоним. Најстариот исправно објавен назив има предност кога нема други ограничувања. Синонимот игра важна улога бидејќи се случува стариот назив да не може да се користи (да речеме, тие зборови се претходно дадени на друг таксон), па затоа се користи следниот достапен помлад синоним.

Еден помлад синоним може да има предност над постариот[4] доколку постариот престанал да се употребува пред 1899 г., а новиот е во честа употреба денес.

Објективни синоними се таксони од ист тип и ранг (помалку или повеќе). Ова може да бидат таксони од видова група од ист ранг со ист типски вид, од родова група со ист типски вид или пак кога самите нивни типски видови се објективни синоними, на таксони од семејна група со ист типски род итн.[5]

Субјективни синоними се оние што немаат таков заеднички тип, па затоа синонимијата е отворена за таксономско толкување,[6] и расправа помеѓу стручњаците: еден научник може да смета дека два или повеќе типа се однесуваат на еден ист таксон, додека пак друг може да ги смета за посебни таксони.

Објективните синоними се чести на ниво на род бидејќи можат да го содржат истиот типски вид;[7] Субјективните синоними се чести на ниво на вид поради тоа што научниците наидуваат на неочувано голема разновидност во рамките на еден ист вид, па така погрешно сметаат дека примерокот е всушност друг вид. Ова се случува и поради незапознаеност со претходни трудови.

Ботаника

уреди
 
Обичното глуварче (Taraxacum officinale) во поширока смисла (sensu lato) е многу широко распространета група од апомиксички лози и затоа некои научници ги делат на посебни видови. Други пак, ги сметаат сите независни видови за синоними на истиот вид.

Во ботаничката номенклатура, синонимот е назив што не е исправен за описот, положбата и рангот во даден ботанички труд. Затоа, важи за „синоним на исправниот научен назив“, со тоа што исправноста зависи и од мислењето на научникот. Во ботаниката постојат следниве видови на синоними:

  • хомотипни (номенклатурни), кои имаат ист тип (примерок) и ист таксономски ранг. Линеевиот назив Pinus abies L. го има истиот тип како Picea abies (L.) H.Karst. Затоа, велиме дека Pinus abies е „хомотипен синоним“ на Picea abies (случајот може да биде и обратен).
  • хетеротипни (таксономски), кои имаат различни типови. Некои ботаничари го делат обичното глуварче на многу, прилично ограничени видови. Називот на секој вид има свој тип. Кога обичното глуварче се зема групно, сите тие видови се хетеротипни синоними на Taraxacum officinale F.H. Wigg.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. ICBN, „synonym“ во Прилог VII: „Поимник“
  2. ICZN, „synonym“ во „Поимник“
  3. англ. International Code of Zoological Nomenclature
  4. ICZN, Член 23.9
  5. ICZN, Член 61.3
  6. ICZN, Член 61.3.1
  7. ICZN, Член 61.3.3